Соработниците на осудениот руски опозиционер Алексеј Навални кој штрајкува со глад во затвор, повикаа на масовни протести во Москва и Санкт Петербург, по наводите за нагло влошување на неговата здравствена состојба, пренесува „Н1“.
Еден од соработниците на најпознатиот критичар на Кремљ, Леонид Волков, рече дека тие упатиле итен повик за демонстрации во среда поради тоа што животот на Навални „виси на конец“.
„Не знаеме уште колку долго може да издржи. Но, јасно е дека немаме време“, рече Волков.
Навални кој е највидливиот противник на рускиот претседател Владимир Путин, пред повеќе од три недели започна штрајк со глад, во знак на протест бидејќи затворските власти не му дозволиле да го прегледа приватен лекар, поради силна болка во грбот и губење чувство на нозете.
Од друга страна пак, Службата за извршување на затворски санкции наведува дека Навални добива адеквантна здравствена заштита.
Докторот Јарослав Ашикмин вчера посочи дека резултатите од тестот на крвта, кои ги добил од семејството Навални, покажувале исклучително високо ниво на калиум, што може да доведе од срцев удар и укажува на прекин на функцијата на бубрезите.
„Нашиот пациент може да умре во секој момент“, рече Ашикмин.
Полицијата и официјалните владини претставници сè уште не го искоментирале повикот за протести. На јануарските протести ширум Русија, каде учесниците бараа ослободување на Навални, полицијата уапси повеќе од 10.000 луѓе.
Опозиционерот Навални беше уапсен на 17 јануари, веднаш по враќањето во Русија од Германија, каде се опоравуваше пет месеци од труење со советски нервен агенс, за што го обвинува Кремљ.
Руските власти ги офрлаат ваквите тврдења, и го обвинуваат Навални за соработка со западните разузнавачки служби и го доведуваат во прашање и неговото трјуење, кое беше потврдено од повеќе европски лаборатории.
Судот во Москва во февруари го осуди Навални на две и пол години затвор, преиначувајќи ја условната казна од 2014 година во затоврска казна, затоа што не се пријавил навреме до надлежните органи, во време кога тој се опоравуваше од труењето во Германија. Пресудата од 2014 година пак, Навални ја оцени како политички мотивирана.
Апсењето на Навални доведе до бран протести на десетици илјади луѓе низ повеќе од 100 градови во Русија.