Доколку се земат предвид сите елементи, законот, деловникот, искажаните ставови во образложенијата и на интерпелацијата, но уште повеќе на субјектите на постапката, ставот на премиерот Христијан Мицкоски од пред еден месец дека со усвоена интерпелација не значи дека членовите ќе поднесат оставка, сосема е извесно дека интерпелација ќе помине и пред крајот на денот, но е исто така сосема неизвесно дали петте членови на Судскиот совет ќе поднесат оставки по изгласана недоверба од мнозинството пратеници, пренесуваме текст во целост од Вистиномер.
Иако е сосема извесно дека интерпелацијата ќе биде изгласана со мнозинство пратеници од Собранието, сосема e неизвесно дали петте члена на Судскиот совет(СС) за кои се расправа ќе поднесат оставки на своите функции по собраниската постапка.
Ова доаѓа оттаму што интерпелацијата и Законот за судски совет се разидуваат на некој начин, односно во законот покрај шесте прецизно наведени причини, не е наведена причината, на пример, „доколку на членот на СС му биде изгласана интерпелација во Собранието.
Кога ќе се земе ова предвид, како и фактот дека петте членови за кои беше покрената интерпелација во законскиот рок се изјаснија дека не ги прифаќаат образложенијата за причините и не се чувствуваат виновни по колективна основа, туку бараат индивидуализација при ценење одговорност за нивната работа – станува јасно дека оставките се неизвесни.
Интерпелациите беа поднесени со исто образложение, одговорите слични
Интерпелациите за Тања Чачарова Илиевска, Весна Дамева, Муљазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми беа поднесени на 07.02.2025 година, при што образложението кај сите пет членови на Советот е идентично и може да се види тука. Во одговорите кои беа доставен до Собранието во законскиот рок, може да се утврдат неколку константи кај сите членови на Советот (може да се видат тука, тука, тука, тука и тука).
Имено, членовите на Советот изразуваат сомневање дека толкувањето на Уставот за правото за поднесување на интерпелација се однесува и на судската власт. Нивното образложение е дека правото за интерпелација го толкуваат пред сѐ како право на пратениците да ја контролираат извршната власт или други високи функционери кои се именувани од владата и министерствата, а не како право на контрола врз судската власт.
Понатаму, сите членови на Советот во одговорите навеле дека интерпелацијата ја оценуваат како мешање на законодавната кон судската власт, со што е погазена независноста на оваа власт која произлегува од Уставот.
Исто така, сите членови во нивите одговори наведуваат дека Советот иако е колективно тело, одговорноста е индивидуална и дека од тој аспект не е наведено во образложението за интерпелација конкретно кој член за што е одговорен, туку се стекнува впечаток, како што наведуваат во дел од нивните одговори, дека е поднесена интерпелација за работата на целиот Судски совет.
Во тој контекст, една од членките на Судскиот совет, во нејзиниот одговор констатира дека станува збор за дискриминација и дека очигледно не биле сите граѓани еднакви пред Уставот и законите, бидејќи интерпелацијата е поднесена само за петте члена избрани од Собранието, а не и за другите 8 избрани од редот на судиите во РСМ.
Законот предвидува шест основи за разрешување
Престанок на мандатот на член на Советот е опишан во членот 31 од Законот за СС. Мандатот може да престане по 6 основи опишани во првиот став:
(1) На член на Советот му престанува мандатот:
1) со истекот на времето за кое е избран;
2) по негово барање;
3) ако е разрешен од судиската функција согласно со закон;
4) ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело злоупотреба на службена должност и овластување во вршење на функцијата или друго кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци што го прави недостоен за вршење на функцијата член на Советот;
5) ако на член на Советот му се утврди трајна неспособност за вршење на функцијата и
6) ако е избран на друга јавна функција или професија.
Според Деловникот на Собранието на РСМ, пак, доколку се изгласа интерпелацијата Собранието според членот 49 од Деловникот „донесува заклучок во кој се изнесува ставот во врска со наводите на интерпелацијата“.
Контекст
Интерпелацијата е поднесена по повеќемесечни изјави од страна и на премиерот и на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ дека судството (и обвинителството) се нефункционални, со само два процента доверба и дека станува збор за партиски назначени и членови на Судскиот совет и на други судии кои и служат само на претходната коалиција на власт составена од СДСМ и ДУИ. За власта реформите во судството се неопходни и на ваков начин и дека ефектот ќе бил двоен – ем кадровски ќе се подобрела состојбата, демек ќе се внимавало повеќе на следните кандидати што ќе се изберат, ем ќе се отворел процесот и за законски подобрувања. (Антонио Милошоски на 10.03.2025).
За главната опозициска партија СДСМ, пак, ваквиот начин на пресметување со судството не е ништо друго туку упад во Уставот кој ја гарантира независноста на власта („школски пример за упад на уставниот поредок на државата“ – Оливер Спасовски, 10.02.2025).
Доколку се земат предвид сите елементи, законот, деловникот, искажаните ставови во образложенијата и на интерпелацијата, но уште повеќе на субјектите на постапката, ставот на премиерот Христијан Мицкоски од пред еден месец дека со усвоена интепелација не значи дека членовите ќе поднесат оставка, сосема е извесно дека интерпелација ќе помине и пред крајот на денот, но е исто така сосема неизвесно дали петте членови на Судскиот совет ќе поднесат оставки по изгласана недоверба од мнозинството пратеници.