„Во Република Македонија граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Вака во Уставот на Република Македонија е регулирано правото на мирно собирање на граѓаните заради изразување мислење или протест“, се вели во анализата направена од Советодавниот сервис за права на млади.
Од Сервисот велат дека во согласност со Уставот на државата, ова право би можело да биде органичено само во услови на воена и вонредна состојба.
Правото на граѓаните на јавно собирање заради мирно изразување на мислење и јавен протест, како и случаите кога ќе се прекине јавниот собир е уредено подетално во Закон за јавни собири.
Сепак, јавен собир заради мирно изразување на мислење или протест не може да се одржува до здравствени установи, на начин кој го оневозможува пристапот на возила на брза помош и го нарушува мирот на болните, до детски градински и училишта додека децата престојуваат во нив и на автопатишта и магистрални патишта, на начин со кој се заглозува патниот сообраќај.
Согласно Законот за јавни собири, организаторот е должен да го прекине одржувањето на јавниот собир, ако дојде до загрозување на животот и здравјето, безбедноста и личната сигурност на луѓето и имотот, посочуваат во својата анализа од Сервисот.
Но, и МВР може да го прекине одржувањето на јавен собир во случаите кога истиот е насочен кон загрозување на животот, здравјето, безбедноста, личната сигурност и имотот на граѓаните, вршење или поттикнување на вршење кривични дела утврдени со закон и загрозување на животната средина.
Министерството за внатрешни работи ќе го прекине одржувањето на јавниот собир во случај кога неговото одржување е во спротивност со меѓународните договори со кои е предвидена обврска за непречено одвивање на сообраќајот.
Најави за заклучени врати во средните училишта, казни и намалено поведение за средношколците кои ќе протестираат беа само дел од притисоците кон учениците пред студентскиот марш од 10-ти декември против воведување државен испит кој ќе важи за идните студенти.
Од Советодавниот сервис велат дека училиштето нема право да ги заклучи учениците и да им забрани да ја напуштат училишната зграда со цел да им оневозможи да го практикуваат своето право на изразување јавен протест.
Според Сервисот, секој граѓанин на Република Македонија чии законски и уставни права биле повредени може да се обратат кај народниот правобранител. Во рамките на Народниот правобранител формирано е посебно одделение за заштита на правата на децата.
Одговорното лице при заштитата на правата на децата обезбедува заштита на сите детски права, а особено правата на децата од областа на образованието што се остварува во основните училишта и во средните јавни училишта во Републиката.
Народниот првобранител има обврска да се грижи за младите да бидат вклучени во образовниот систем под еднакви услови, и во поглед на нивниот третман во училиштата, во однос на нивните права на еднаквост и недискриминација, на забраната на телесно и психичко малтретирање во училиштата и забраната за политичко организирање и манипулација со децата за постигнување политички цели, како и на остварување на уставната гаранција за правото на настава на мајчин јазик во основното и во средното образование на припадниците на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија, слободата на вероисповед, но со почитување на законската забрана за верско организирање во училиштата.