Советот на Европската Унија го усвои првиот Закон за борба против насилството врз жените

Советот на Европската Унија даде зелено светло за првиот Закон на Европската Унија за борба против насилството врз жените и семејното насилство, за кој земјите-членки имаат рок од три години да го применат во националното законодавство, јавува Ал Џазира Балканс.

Новиот закон бара од сите земји-членки на ЕУ да го криминализираат „женското генитално осакатување, принудните бракови и сајбер насилството, како што се споделување интимни фотографии без согласност, сајбер следење, сајбер вознемирување и сајбер поттикнување омраза или насилство“, се наведува на официјлната страница на Советот на ЕУ.

Потпретседателот на белгиската влада Пол Ван Тигхелт вели дека усвојувањето на овој закон е револуционерен момент во зајакнувањето на правата на жените.

„Вистинската еднаквост може да се случи само кога жените можат да живеат без страв дека ќе бидат малтретирани, насилно нападнати или физички повредени. Овој закон е важен чекор за тоа да се оствари“, додаде Тигхелт.

Директивата содржи и детални правила за мерките за помош и заштита што земјите-членки треба да им ги обезбедат на жртвите. Меѓу другото, таа вклучува мерки за спречување на насилството врз жените и насилство во семејството, односно поставува стандарди за заштита на жртвите од овие кривични дела.

Овој закон ќе гарантира дека сторителите ќе бидат строго санкционирани и дека жртвите ќе ја добијат сета поддршка што им е потребна.