Советот на Град Скопје не изгласа нови автобуси и БРТ систем

Илјадниците скопски патници остануваат во неизвесност како ќе стигнат со автобус до работа, откако советниците на Град Скопје не го поддржаа предлогот за набавка на нови екоавтобуси.

На денешната седница, сите други советнички групи гласаа „за”, само советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа за одлуката и со тоа немаше мнозинство за да се почне постапката на набавка на еко автобуси. За гласаа 20 советници, а за да помине одлуката потребни се 23 гласови, објави СДК.мк.

За разлика од минатите седници кога точката гласаше кредитно задолжување за набавка на автобуси, сега предлог-одлуката беше потреба за почнување постапка за набавка на нови возила.

Претседателот на Советот од ВМРО-ДПМНЕ Трајко Славески рече дека нема да ја гласа одлуката затоа што во буџетот за 2024 немало пари за оваа намена, а не се знае каков ќе биде буџетот за 2025.

„Доколку има определена ставка во буџетот за 2025 не гледам причина да не се гласа за ова. А сега, ова е несериозен предлог“, рече Славески.

Градоначалничката Данела Арсовска, смета дека ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција одлучиле да ги остават граѓаните на улица да чекаат стари автобуси по еден час, на плус 40 и на минусни температури.

„Побаравте наместо од задолжување автобуси да се набават од сопствено финансирање, сега барате и конкретен извор. Ви дадовме можност да одберете банка, да изготвите спецификација, да оформите комисија и слично, сѐ да направите вие, а јас само да ја потпишам таа јавна набавка. За да повеќе нема оправдувања, јас од оваа говорница нема да се тргнам сѐ додека не кажете каква одлука сакате, ќе ги прифатам сите амандмани, подготвени сме да направиме и ребаланс на Буџетот, за да гласате. Тоа е единствениот начин денеска да знаеме кој сака да се реши проблемот со јавниот превоз во Град Скопје, а кој не“, рече Арсовска од говорницата во Советот.

Советот на Град Скопје на денешната седница не ја донесе и Одлуката за давање согласност за склучување на договор за имплементација на проектот воведување на Брз автобуски превоз (БРТ). Поддршка за БРТ дадоа само 14 советници, додека против овој систем беа советниците на ВМРО-ДПМНЕ, од Зелен хуман град и Левица.

Од ВМРО-ДПМНЕ аргументираа дека граѓаните не го поддржале овој БРТ, па затоа и тие не го поддржуваат. Зелен Хуман Град рекоа дека договорот за БРТ е постигнат без јавна дебата, исклучително нетранспарентно, зад затворени врати и сметаат дека БРТ решението е натурено, а нема стручна студија за неговата оправданост. Исто така, тврдат дека зелениото кое ќе биде уништено е повеќедецениско. Од Левица, пак, истакнаа дека нема да го поддржат предлогот затоа што, како што рекоа, при ваков нерегулиран градски јавен превоз да се бара брз превоз е претенциозно.

БРТ системот за јавен транспорт беше проект на претходниот градоначалник Петре Шилегов, кој своеврено го потпиша договорот за таканаречениот „трамвај на тркала“. Тогаш беше планирано дека најдоцна до крајот на 2024 година треба да профункционира линијата од Ново Лисиче до Ѓорче Петров, додека втората линија би се пуштила во употреба во 2025 година.

Проектот беше закочен по доаѓањето на власт на градоначалничката Данела Арсовска, која на самиот почеток од нејзиниот мандат најави дека нема намера да го имплементира овој систем за градски превоз и имаше бројни критики за него, а потоа најавуваше и дека е можно овој проект да се стави на референдум па граѓаните да одлучуваат дали сакаат ваков систем за подобрување на јавниот превоз во градот. Подоцна таа во медиумските настапи тврдеше дека никогаш не се откажала од проектот.

Додека политичарите и советниците се докажуваат и препукуваат, за проектот веќе е земен кредит во висина од 70 милиони евра, а од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на ЕБОР.

Плус, ваквите случувања се во време кога на Скопје му недостасуваат барем 40 автобуси, што го потврди и самиот директор на ЈСП. Граѓаните масовно доцнат на работа, а дисплеите често не ја покажуваат реалната слика кога ќе помине автобус, со што се создаваат гужви и нервози, особено откако возилата ќе се „накрцаат“. Дополнително, сега за неколку денови почнува и школската година, кога практично ќе стартува и зимскиот возен ред, па се очекува уште поголем хаос.

Бојан Шашевски