Совреме муабети за современ театар со Звонко Димоски на 4 февруари во „Буква“

Разговори за театар и промоција на книгата „Современи театарски осврти“ од Звонко Димоски, со која авторот ги манифестира своите неколкугодишни гледачки искуства на театарски претстави низ македонските театри, ќе се одржат на 4 февруари со почеток во 19 и 30 часот во кафе-книжарница „Буква“.

„Театарот, како уметност што постојано е во дијалог со времето, просторот и човекот, не претставува само сцена на креативност, туку и простор за критичка рефлексија. Во овој контекст, ‘Современи театарски осврти’ е збирка есеи која се обидува да го осети пулсот на современата театарска сцена кај нас преку анализа и интерпретација на одбрани претстави во продукција на националните театри, како и независните продукции, во периодот од 2021 до 2024 година“, се вели во најавата.

Промоцијата и разговорот ќе го води Сребра Ѓорѓијевска.

„Денес е многу ретко да се сретне автор кој не е оптоварен со фактот дали да напише за некој театар, актер или режисер дека го немал најдоброто остварување. Во малата средина во која живее нашата култура, на моменти, станува прекомплицирано да се биде објективен кон одредена проблематика“, вели Ѓорѓијевска.

Дизајнот на насловната фотографија е на „Civette Production“. А, изданието е поддржано од Министерството за култура и туризам.