Совреме муабети за современ театар утре во „Буква“

Во скопската кафе-книжарница „Буква“ утре, вторник 4 февруари ќе се случат разговори за театар и промоција на книгата „Современи театарски осврти“ од Звонко Димоски, со која авторот ги манифестира своите неколкугодишни гледачки искуства на театарски претстави низ македонските театри.

„Театарот, како уметност што постојано е во дијалог со времето, просторот и човекот, не претставува само сцена на креативност, туку и простор за критичка рефлексија. Во овој контекст, „Современи театарски осврти“ е збирка есеи која се обидува да го осети пулсот на современата театарска сцена кај нас преку анализа и интерпретација на одбрани претстави во продукција на националните театри, како и независните продукции, во периодот од 2021 до 2024 година“, стои во најавата за настанот.

Габриела Стојаноска-Станоеска, осврнувајќи се кон делото, пишува дека е видлив недостатокот на книги со критички осврти во сите уметности, и во книжевната и во ликовната, а секако и во театарот како мултимедијална уметност.

„Треба да се поздрават оваа книга и храброста на Звонко Димоски да даде свое учество во прекинувањето на молкот на нашава култура, која веќе неколку децении како да се претвори во култура на тишината поради недоволното присуство на критички размислувања во сите сфери на уметничките области“, посочува Стојаноска-Станоеска.

Сребра Ѓорѓијевска, пак, потенцира дека денес е многу ретко да се сретне автор кој не е оптоварен со фактот дали да напише за некој театар, актер или режисер дека го немал најдоброто остварување.

„Во малата средина во која живее нашата култура, на моменти, станува прекомплицирано да се биде објективен кон одредена проблематика“, потенцира Ѓорѓијевска.

Александар Еленин нагласува дека истовремено, со дистанцата од личните ставови преку обраќањето во граматичко трето лице множина, авторот се позиционира од страната на пошироката публика, а не како осамен и ригиден критичар.

„Со тоа, недвосмислено поканува на отворена, аргументирана и пријателска дебата за истите меѓу сите на кои театарот и драмската уметност им се од посебно и суштинско значење“, вели тој.

Промоцијата и разговорот ќе го води Сребра Ѓорѓијевска (Умно.мк).

Дизајн на насловна фотографија: Civette Production. Изданието е поддржано од Министерството за култура и туризам.