Италијанскиот ден на современата уметност (8 октомври) оваа година по 18-ти пат ќе биде одбележан со отворање на уметничката изложба „Современи екосистеми – потрага помеѓу уметноста и екологијата во Северна Македонија“.
Станува збор проект на италијанските уметници Антонио Масаруто и Роберто Геци, а куратори се Бојана Јанева и Давиде Силвиоли. Проектот е резултат на уметничко истражување на падините на новосоздадениот Национален парк Шар Планина што беше реализирано во април годинава. Истото е проследено и од локалните студенти од катедрата за уметност и дизајн при универзитетот во Тетово.
„Проектот исклучиво третира прашања поврзани со животната средина, имајќи за цел да ја стимулира јавната свест за важноста на природното наследство на Северна Македонија како и да ја истакне уметничката вредност на нејзиниот биодиверзитет, особено по формирањето на овој нов национален парк, кој патем ја зголемува целосната површина на заштитено подрачје до 14 отсто“ се вели во најавата.
Официјалното отворање на изложбата ќе биде во 12:00 часот и истата ќе биде поставена во просториите на Музејот на современа уметност (МСУ) до 26 октомври.
„Уметничките дела ќе бидат изложени во првата изложбена сала, а потоа некои од нив ќе бидат донирани на Музејот како и на институциите вклучени во проектот. Некои од инсталациите ќе бидат оставени на самиот терен каде што биле создадени (Шар планина), како симбол на логичко затворање на природниот круг“, стои во соопштението.
Изложбата е организирана со поддршка на Министерство за култура и Министерство за Животна Средина и Просторно Планирање на Република Северна Македонија, а во соработка и со Националниот парк Шар Планина, Планинарскиот клуб Љуботен и Македонското еколошко друштво.