„Факултетот за работи што не се учат – ФРУ“ организира петдневна програма за млади уметници, „Совршениот уметник“ која ќе се одржи од 21 до 25 април во мултимедијалниот објект „Мала станица“.
Се работи за дискурзивно – едукативна програма со практичен и теоретски курс. Идејата, како што информираат организаторите е да се прошири опсегот на уметничките интереси, да создаде простор за критичка анализа и преиспитување на уметничката продукција во рамките на севкупниот општествен и политички контекст, како и да понуди практични алатки за негување на нивната уметничка практика.
„Неолибералната реалност ја избрка еднаквата распределба од уметноста и ја продлабочи несигурноста. Така, недостатокот на работнички права на културните работници како и можности за работа во областа на уметноста и следење стандарди, недостатокот на средства кои би поттикнале развој на уметничките можности и аспирации, но и ретроградниот образовен систем, се причините за создавање на оваа програма“, се вели во најавата.
Во програмата ќе бидат вклучени голем број локални, регионални и меѓународни гости. Таа првенствено се фокусира на млади уметници, но може да се приклучат и сите заинтересирани. Учеството во програмата е бесплатно, а програмата ќе се спроведува на македонски јазик.
Повикот е отворен до 15 април, а пријавувањето може да се направи на овој линк.
Дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“ за првпат се одржа во 2017 година и е организирана во рамките на наградата „Денес“ за млади визуелни уметници до 35 години.
За сите дополнителни прашања во врска со програмата, заинтересираните може да се обратат на nagradadenes@gmail.com.