Научниците развија „ултра-бела“ боја која ја рефлектира светлината и која доколку се користи масовно велат дека може да ги намали емисиите на јаглерот и да ја намали потребата од клима уредите во зградите.
Бојата која ја пронајдоја инженерите од Универзитетот Пурдју во Индијана, САД, е дел од шестгодишен проект и успешно рефлектира 98,1 процент од сончевата светлина. Поради ова својство, оваа боја има способност да ги разладува објектите, стои во соопштението на Универзитетот.
За разлика од традиционалните бои оваа „ултра-бела“ е создадена од хемиско соединение наречено бариум сулфат, кое се користи во производството на козметика и фотографска хартија. Честичките на бариум сулфатот се со различна големина и можат да ги разбијат сончевите зраци.
Белата боја со векови се користи за разладување на објектите од топлината, но оваа нова формула апсорбира далеку помалку сончева светлина, па со самото тоа и топлина. Додека обичната боја апсорбира меѓу 10 и 20% сончева светлина, новата боја прима само 1,9%, количина која е толку мала што овозможува објектот да се разладува.
„Доколку ја користите оваа боја за да прекриете кровна површина од околу 90 метри квадратни, нашите проценки се дека ќе се постигне моќ на ладење од 10 киловати. Тоа е поможно од клима уредите во најголемиот број домови“, објаснува водечкиот научник на проектот, Џиулин Руан.
Според научниците, новата бела боја е толку „бела“ што може да се спореди со најцрната црна боја – „Вантацрна“, која апсорбира дури 99,9% од видливата светлина.
Лукас Шертел, експерт за светлина од Универзитетот Кембриџ, за Си-Ен-Ен изјавил дека ова откритие е возбудливо и дека „ултра-белата“ боја, доколку се користи на индустриско ниво, може да има позитивно влијание врз климата, преку намалување на потрошувачката на енергија.
Според него, истражувањата во разладувачки бои последниве години земале поголем замав и дека ако нивната употреба започне на генератори и машинерии кои емитуваат топлина теоретски може да има влијание на глобалната енергетска ефикасност.
Предизвикот сега ќе биде на тоа да се охрабри комерцијално користење на бојата, а за тоа да се постигне ќе треба производството на „ултра-белата“ да биде масовно и исплатливо.