Учениците од државниот центар „Партенија Зографски“ создадоа стикери на апликацијата Вибер кои се комбинација од македонски знаковен јазик и текст, со цел да се поедностави мрежната комуникација меѓу младите со оштетен слух и говор, но и да се им доближи знаковниот јазик на сите други корисници.
Изминатиов период во училиштето беа одржани повеќе работилници за графички дизајн под менторство на Јана Марковска од креативното студио „Do:More“, како дел од проектот „Одговорна иднина“, во организација на Македонското модно здружение, на кои учениците со оштетен слух и говор можеа да се запознаат со основните елементи и принципи на графичкиот дизајн.
„Од хартија и молив, до практична работа на една од примарните програми за графички илустрации учениците ги создадоа своите први персонализирани стикери. Работилниците се реализираа со логистичка помош од педагогот и толкувач Викторија Волак. За изработка на стикерите е користена нова модернизирана дворачна знаковна азбука, изработена од Лазар Ѓиков, поранешен ученик во ‘Партенија Зографски’“, стои во соопштението на здружението.
„Благодарение на учениците Мухамед Асипи, Ивана Трајковска, Енис Аспиров, Јове Илиевски, Лаура Бектешовска, Јана Кацарска, Мираџ Аспиров, Кепсер Хасан, Мумудија Демирова, Мухамед Алиев, Кристина Стојковска, Марио Стојковски, Јовица Милановски и Ајдован Османовски, сега секој може да се запознае со основните комуникациски знаци кои ги користат лицата со оштетен слух и говор“, се додава во соопштението.
Стикерите може да се преземат бесплатно на следниов ЛИНК.