Формирање Агенција за книга, поголеми заложби за заедничко дејствување на книжевната фела и активирање на (под)заспаните издавачи и автори како и будење на Министерството за култура со цел промоција на домашните книги надвор од рамките на државата.
За овие работи вчера разговараа шестмина издавачи, автори, уредници и директори на книжевни фестивали на дискусијата „Out & About“ посветена на зголемување на видливоста на македонската книжевна сцена надвор.
Според Тодорче Тасевски, директорот на „Струшките вечери на поезијата“ моменталната ситуација е оптимална за формирање на Агенција за книга. Како што вели тој, потребно е умешно да се имплементира рецептот на другите држави, а како пример ја посочи словенечката Агенција за книга.
„Тука треба да бидат претставници од државата, од асоцијациите на автори, писатели и издавачи. По мене во македонски контекст тие тела кои би требало да штитат интереси на издавачи, на писатели, на различни фактори кои ја даваат сликата на издавачката дејност. Оптимална ситуација е да се изберат оние кои навистина имаат намера да бидат сериозни издавачи од некои хоби издавачи“, рече Тасевски.
Писателот и уредник во издавачката куќа „Готен“, Владимир Јанковски посочи дека Агенција за книга може да функционира и како сектор во Министерството за култура, а доволно ќе биде да има тројца вработени кои ќе се залагаат за македонската книжевност да се шири надвор. Според него работата на ваква агенција може да се организира во три насоки.
„Првиот пилар е два пати во годината оваа агенција да прави буклети кои ќе се состојат од шеесетина или стотина страници во кои десетина автори, а и тоа е можеби многу, ќе бидат објавени со sample translations (преведени примероци) на англиски јазик и ќе биде објавен ПДФ буклет, достапен онлајн, за кога некој странски издавач ќе се обиде да пристапи и да види што е рецентно во македонската литература, да ги прочита тие буклети и да види дали има интерес во тоа. Вториот е да дава поддршка на клучното нешто – добрите преведувачи. Бидејќи ние од сериозни книжевни средини немаме квалитетни и добри преведувачи. Ние треба да ги негуваме нив, бидејќи тие избрале од морето други јазици и култури да преведуваат, од земји каде што има такви институции, они избрале да преведуваат од македонски јазик. Третиот пилар би бил активно да лобираат со книжевни фестивали во странство, да одат на саеми на книги, да лобираат со агенти за права“, рече писателот.
Со последното се сложи и писателот Петар Андоновски кој според неговото искуство на Саемот на книга во Франкфурт забележал колку малку се инвестира во промовирање на домашната книжевност.
„Тоа го организира Министерство за култура и таму нема ниту еден каталог кај што се претставува македонската книжевност, туку се иде со тегли ајвар и со вина. Министерството избира издавач кој ќе оди. Во рамки на Министерството за култура има дека се финансираат странски издавачи, но тоа никој не го испромовирал на саем“, кажа Андоновски.
На сајтот на Министерството за култура постои линк наменет за странски издавачи кои може да аплицираат за субвенции за објавување превод од македонски јазик. Меѓутоа, како што истакна писателката и уредничка на издавачката куќа „ПНВ Публикации“, Јулијана Величковска, тој линк се наоѓа „зад седум гори и зад седум планини“.
„Не мислам дека е нешто особено тешко да се додаде некаков таб, копче што ќе се однесува на линкот за кога странски издавач ќе влезе на сајтот на Министерството за култура, како што ние влегуваме на сајтовите на туѓите министерства – да може да види“, рече Величковска и посочи и на проблемот за игнорантскиот однос од страна на ресорното министерство.
„Ние како ‘ПНВ Публикации’ склучивме договор со хрватското друштво на писатели и фестивалот „Стих у регии“ за двајца автори од Македонија да одат кај нив, а двајца автори од кај нас да одат таму. Беше Иван Херцег, еве ги Ален и Лана. Од кај нас требаше да одат младите Андреј Ал-Асади и Викторија Ангеловска. Поднесовме барање до Министерството за 30.000 денари вкупно за двајцата само за авионски билети, не добивме ни одговор на тоа барање. Фестивалот заврши. За Викторија помогна општината кај што живее , за Андреј Ал-Асади ние прибравме средства за да отиде, затоа што домаќинот од таму ги обезбедува сите други трошоци – така стои во договорот“, сподели уредничката. Притоа направи и паралела за поддршката што ја обезбедил Загреб за престојот на македонските поети и сѐ уште не објавените резултати од Повикот за финансирање проекти во културата на Град Скопје.
Во дебатата се спомена и за личните интереси на фелата кои според учесниците во дискусијата, е неопходно да се тргнат настрана и да се функционира заедно, па заеднички да се пристапи и со барање за Агенција за книга.
„Пасивни сме и писатели и издавачи. Или индивидуално реагираме или не реагираме. Никогаш колективно. Писателите никогаш не настапиле заедно“, рече Андоновски.
Според Величковска, доколку Министерството за култура е, како што рече тврдоглаво, издавачите како втора опција може и сами приватно и според рецептите од странство да се организираат за да им помогнат на нивните автори.
„Клучно е да има соработка меѓу агенти и издавачи. Затоа што ако имаш агент којшто ќе трчка да ја продаде твојaта книга за да има нешто и за себе, исходот дека твојата книга ќе биде подостапна за читателите итн. Работата е и во маркетинг, не само книга и превод, туку значајно е тој превод кој го објавува, како се продава“, забележа издавачката.
Приказните за деца на последна страница
Авторката и уредничка во издавачката куќа „Чудна шума“, Билјана Црвенковска даде забелешка дека Македонија е можеби единствената земја во која нема тело што номинира книги за деца за меѓународни награди.
„Не постои ‘International board for book for young people’, тоа е бордот којшто одлучува кои книги за деца ќе бидат номинирани за награди. Ние го немаме тоа. …И фамозниот конкурс на Министерството за култура треба да се намени и за литература и за возрасни и за литература за деца“, коментираше Црвенковска.
Таа додаде дека и за една детска книга да биде конкурентна надвор потребен е добар илустратор.
„Нашите илустратори или се презафатени или не се на тоа ниво. Поддршката што ја добиваме е смешна. 50.000 денари ни е дадено за книга годинава каде што само илустраторката чини 60.000 денари. Како да преведеме книга?“, рече Црвенковска.
Писателот и основач на фестивалот „Прозарт“, Дејан Трајкоски рече дека во рамки на постоечките можности е потребна информација и волја.
„Детските книги ги нема никаде, а кај нас почна да има сериозно добри книги за деца, сликовници. Јас сум сигурен дека за тоа ќе има масовен интерес доколку само во тој постоечки фонд за преводи се стави една клаузула дека се поддржуваат и детски книги, и тие книги треба да се поддржат не само за превод туку и за продукција“, потенцираше тој.
Владимир Јанковски за крај на дискусијата посочи дека подобро е да се започне од некаде отколку да се чека во место.
„Нашата поддршка на преводот на македонски автори во странство се содржи од линк без дополнителни објаснувања. Од еден линк. Затоа во следните 12 месеци подобро е да имаме две книги со ‘sample translations’ со 15 книги, па нека бидат само тие 15. Подобро е така отколку да тргнуваме од оваа позиција – комплицирано е тешко е, мора да постои стратегија…Во Македонија ние имаме стратегии за сѐ. Што од последната стратегија за култура која ја работеле 50 прекрасни луѓе пред 5-6 години, што е имплементирано од таму? Ништо. Мртво слово на хартија“, истакна тој.
Присутните кажаа дека оваа средба е почетна, а по неа ќе следуваат уште на кои кога ќе се постигне нешто опипливо ќе се обратат за состанок кај надлежните, бидејќи како што рекоа, не е крајно време, туку се доцни со освестувањето за оваа важна точка од македонската култура.
Исто така, на следните средби, надежно ќе се разговара и за подобрување на ситуацијата внатрешно – со преводи од македонски на албански јазик и обратно како и со разговори со издавачи кои се занимаваат со книги на албански јазик.
Дискусијата се одржа како дел од програмата на Третиот скопски поетски фестивал, а како што кажаа организаторите покрај писателите, поканети биле и членови на Министерството за култура и министерката Бисера Костадиновска – Стојчевска кои ја одбиле поканата.
Ангела Бошкоска
Фото: Радио МОФ