„Новата реалност нѐ соочува со децениски наталожуваните системски проблеми, нѐ исправа пред сознанието за кревкоста на општественото ткиво да се справи со новите предизвици, а тие бараат колективни решенија“, се вели во соопштението за изложбата „„Spaces of oblivion“ на Александра Петрушевска Ристовска.
Иложбата ќе се одржи во „Мала станица“, а за јавноста ќе биде отворена од 6 мај до 1 јуни.
„Изложбата насловена „ Spaces of oblivion“ е резултат на подолготраен истражувачки процес започнат во 2017 година и претставува прво самостојно претставување на Петрушевска од 2013 година. Овој циклус се состои од шеесетина слики во различен формат, работени во техника акрил на платно, како и дигитални слики, работени врз фотографска предлошка. Заедничко за сликите од овој циклус е тоа што на нив се претставени ентериери, внатрешните простори на јавни институции, кои припаѓаат на модерната архитектура во Скопје, објекти изградени во 1970-тите години“, вели во својата критика Владимир Јанчевски.
Тој се надоврзува дека во последната деценија евидентен е зголемениот интерес за специфичните архитектонски и споменични остварувања на југословенскиот социјалистички модернизам. Но, најчесто фокусот бил на надворешната форма и фасадите, а помалку на внатрешниот простор и неговата состојба денес. Поточно, каква е самата атмосфера во институциите, како ги паметиме и што нѝ открива тоа, запрашува тој.
„Александра Петрушевска Ристовска уште од самиот почеток се наметна како сериозна авторка, и во континуитет го докажува со нејзиното присуство на уметничката сцена во текот на 15 години, со една специфична ненаметлива суптилна ангажираност. Тоа што беше евидентно и во нејзините претходни дела и циклуси , таа го потврдува и со нејзиниот последен сликарски проект“, нагласува Јанчевски.
Александра Петрушевска Ристовска е ликовен уметник и педагог, живее и работи во Скопје. Самостојно изложува од 2005-та година. Во уметничката практика употребува традиционални и интердисциплинарни техники преку кои ја изразува визуелната и симболична трансформација на просторот. Ги истражува формите на внатрешните ентериери фокусирајќи се на деталите, контрастите и боите. Ристовска учествува на меѓународни и регионални проекти од областа на визуелните уметности и добитник на неколку меѓународни награди и резиденции во областа на културата и уметноста.