Спарувањето во сродство е нова опасност за малата популација на балканскиот рис

Криволов, уништување на шумите и живеалиштата, намалување на пленот, а сега и последици од спарувањето во сродство, или инбридинг, се многуте опасности кои постојано го демнат балканскиот рис. Малата популација на нашата најпозната мачка веќе неколку децении се соочува со голем предизвик, како да го обезбеди опстанокот, но и како да создаде здрави поколенија кои ќе продолжат да живеат на овој дел од Балканскиот полуостров, пренесува агенцијата Мета.

Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека како и кај другите популации на рис и кај нас во репродукцијата учествуваат од 25 до 30 отсто од единките, што, покрај другите закани, ја усложнува состојбата во која се наоѓа ова животно. Диме Меловски од МЕД вели дека и покрај долгогодишните заложби за обезбедување подобри услови за живот на рисот, јасно е дека популацијата нема да порасне преку ноќ. Заради тоа е неопходно и понатаму да се работи на намалување на сите опасности, меѓу кои и размножувањето во сродство.

„Поради долготрајната изолација и малиот број единки, под 50 возрасни, популацијата на балканскиот рис е со најниска генетска варијабилност од сите евроазиски рисови. Во случајот, веројатно само 11 единки се размножуваат и тие ја сочинуваат ефективната популација кај која веќе е утврдено и зачестено парење во сродство, односно висока стапка на инбридинг. Поради тоа можно е рисот да се соочи со нови проблеми како намалена отпорност кон болести и намалена плодност кај единките“, вели Меловски.

Од овие причини еколозите размислуваат за генетско зајакнување на популацијата на балканскиот рис, можност која ќе треба допрва да се истражи. Меловски вели дека оваа активност е веќе спроведена во Хрватска и Словенија, со носење на рисови од Романија, бидејќи и динарската популација на рисот исто така била загрозена од инбридинг.

„Постојано мора да работиме на терен, со мониторинг, средби со ловџиските здруженија, како и со институциите, на законите и проширување на заштитените подрачја. Но, секако, треба да размислуваме и за можноста да донесеме рисови од други европски земји, кои се исто подвид на евроазискиот рис, како и балканскиот, и да ги зајакнеме генетските предиспозиции на нашата популација“, вели Меловски.

Минатата година во ноември експертите од МЕД учествувале на меѓународна работилница во Швајцарија со група генетичари што работат на оваа проблематика поврзана со рисот, а заклучоците се дека мора да се спаси популацијата на балканскиот рис со цел да продолжи и понатаму да ја остварува својата еколошка улога.

„Рисот, особено мажјакот се движи на огромни територии и може и по природен пат да се сретне и да се размножува со единки од други популации, но не сум сигурен колку можеме да си дозволиме уште да чекаме рисовите од Словенија и Хрватска природно да го населат просторот каде што живее балканскиот рис“, вели Меловски.

Македонското еколошко друштво, веќе седумнаесет години ја спроведува Програмата за закрепнување на балканскиот рис, која ги детектира сите опасности за опстанокот на рисот, и работи на одржливи решенија за спас на малата популација. Нивните неодамнешни испитувања со методот на имунодифузија, покажуваат дека рисот Нони, се хранел со дивокоза. Срната и дивокозата, посочуваат од МЕД, се двата најзначајни плена за балканскиот рис во Македонија и нивната достапност е силен фактор во преживувањето на рисовите. Од таму велат дека активно работат со ловџиските здруженија и националните паркови на обезбедување на услови рисот да има доволно храна.

МЕД веќе подолго време предупредува и за бездомните кучиња кои се напуштени во дивина и кои имаат силно негативно влијание врз дивиот свет. Во услови на стрес и страв, кај нив се буди инстинктот за опстанок и тие подивуваат. Изгладнети, тие почнуваат да ловат диви животни, самостојно или во глутници, а неретко мршојадат и од пленот на шумските предатори меѓу кои е и балканскиот рис, со што го ставаат под уште поголем притисок.

Мета