Гледам Кире Атанасов ме прозива дека сум го нападнал. Јас вчера бев на јавна презентација на предлог ДУП којшто се однесува и за куќата во којашто живеам со години со мојата фамилија. Кире и уште неколку луѓе со него не’ бркаа и викаа дека нема што ние тука да бараме, иако имаме и ние како жители куќи и имот во тој ДУП. Тогаш настана конфликт, но демантирам дека сум го удрил и повредил. Нека му служи на чест лажењето, вели за Радио МОФ Саше Спасовски, кој вчера бил на јавната расправа за ДУП-от во општина Карпош.
Претходно, граѓанинот на Трнодол, Кире Атанасов ни изјави дека токму Саше Спасовски, без повод и причина, физички го нападнал на настанот за ДУП-от за Трнодол.
Атанасов својот случај и нападот од Спасовски го објави и на социјалните медиуми. Под хаштагот #СтопЗаЛажнитеВести објави и фотографија од Спасовски заедно со градоначалникот Стефан Богоев.
„Вчера на јавната презентација за ДУП-от на Трнодол без повод и причина бев физички нападнат од лицето Саше Спасовски за негови блиски познат по прекарите Саше Амстердам и Буљаш. За последиците од нападот, поседувам лекарска документација, сведоци и Полициски записник од П.С Карпош. Ме нападна бидејќи побарав да се искажам, и побарав да ни отстапат место лицата кои не се дирекно засегнати од новиот ДУП“, соопшти Атанасов.
Дека лице со иницијали К.А. е нападнато на расправата Карпош ни потврдија денес и од МВР. Сепак, иако поминаа повеќе од 24 часа од инцидентот, од МВР изоставува информација кој бил напаѓачот. Тоа не го пишува ниту во билтенот за вчерашни настани, ниту во текот на денот ни одговорија дали е евидентиран напаѓачот на К.А.
„На местото на настанот излезени се полициски службеници и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, рекоа денес од МВР, дополнувајќи дека „тоа е се’ што засега го имаме како информација“.
За случајот свој допис до јавноста денеска имаа и од иницијативата од Трнодол, кои рекоа дека граѓани од Трнодол се обидувале да влезат во преполната сала за јавната расправа, каде имало само 36 седишта, а присуствувале преку 120 луѓе. ДУП-от го карактеризираат како криминален, од причина што сметаат дека заедно со регулацискиот план се прават врз основа на куп законски прекршоци.
„Нашата намера беше уште еднаш, сега во поширока форма од претходно, аргументирано и со документи да ги предочиме тие прекршувања и предочиме на почитување на законската регулатива. Тоа ни беше оневозможено бидејќи ‘платениците’ на градоначалникот започнаа со ситни закачки и заканувања и веќе беше јасно дека овде излагање тешко дека ќе има. Впрочем и тоа им беше и намерата, воопшто да нема презентација, бидејќи на градоначалникот му беше јасно дека сиот прљав веш може да излезе на виделина. На команда од надвор во салата влегува уште една група рекетари и го удира еден од нашите комшии, потпомогнат од своите соучесници“, рекоа од иницијативата.
Дека е удрен нивниот сосед, а не службеник, велат тие, може да се потврди од ургентниот центар каде соседот бил прегледан.
Реакции стигна и од Здружението „Го сакам Водно“. Го осудија вчерашното насилство врз граѓански активист во просториите на Општина Карпош.
„Со оглед на тоа што случајот е уредно пријавен во полиција, постои медицинска документација, имало мноштво на сведоци (со оглед дека во сала за 36 биле присутни над 120), а и самиот нападнат го познал и евидентирал напаѓачот, работата на МВР, а понатаму и на правосудните органи, не би требало да е прекумерно комплицирана. Комуникација за прашања врзани со уредување на просторот и животната средина се решаваат со факти и аргументи, а не со ‘вруќи шамари’ како во минатото, или со боксови, како вчерашниот случај“, соопштија од „Го сакам Водно“.
Од општина Карпош, пак, денес излегоа со став дека агресија не е опција за карпошани. Тврдат дека процесот на ДУП-от е отворен и граѓаните се директно се вклучени при креирањето на политиките и развојот на Карпош.
„На вчерашната закажана Јавна презентација граѓаните требаше да ги видат сите измени кои по нивно барање беа вметнати во Предлот ДУП-от Ј03 Блок 7, за потегот околу Трнодол, ако и само ако одредена група на граѓани, дозволеа одржување на истата презентација. Вчера бевме сведоци на насилство и агресија, свесно направени, од политички и други побуди. Заканите, нападот на службено лице на Општина Карпош, уништувањето на инвентарот потсетија на едно минато време, кога ДУП-овите се носеа далеку од очите на јавноста“, соопштија од Карпош.
Сепак, велат општинарите, вчеравечер имало и голем број на разумни и чесни граѓани, кои тврдат дека биле изманипулирани и потпаднале под влијание на лажните информации.
„Иако сите клучни забелешки на граѓаните беа прифатени, одредена група свесно мораше да се измислува нови населби, и лажно да посочува дека Предлог ДУП-от се однесува за Жданец, што е целосна невистина“, се вели меѓу другото во соопштението на Карпош, од каде тврдат дека Богоев е отворен за граѓаните и дека е завршено времето кога урбанистичките документи се носени за потребите на урбаната мафија.
Бојан Шашевски