„Наша борба, ваше здравје“, „Плати скромни, трошоци огромни“, „Ние не сакаме да си одиме, вие не бркате“ беа некои од слоганите на денешниот протест на неколкуте стотици лекари специјализанти пред Министерството за здравство (МЗ) од каде побараа повисоки плати и регулиран работен однос.
Тие од МЗ бараат покачување на платата на приватните специјализанти согласно просечна плата во Македонија за тековната година која сега изнесува 39.800 денари.
Дополнително, тие бараат повторно воведување на бесплатното здравствено осигурување за сите колеги на приватна специјализација, навремена исплата на дежурствата со секоја тековна плата, но и трансформација на сите приватни специјализанти во државни специјализанти, односно нивно вработување кое било ветено од министерството.
На протестот, лекарите специјализанти, како што пренесе новинската агенција Мета побарале итна средба со министерот за здравство Илир Демири, по што биле примени на состанок во министерството.