„Спектрални места“ е темата на годинешната изложба „Зимски салон“

Престижната ликовна изложба „Зимски салон“ по седумнаесетти пат ќе се отвори на 16 февруари во Џифте Амам. Организатор е Друштвото на писателите на Македонија (ДЛУМ), од каде потенцираат дека преку дефинирање на годинешната тема „Спектрални места“, изложбата низ мултимедијална композиција суштински пристапува кон различните сензационални толкувања за просторноста која ги носи визуелната уметност на 21-от век.

„Зимски салон е една од ретките ликовни манифестации која од самото основање до денес ја задржа својата автентичност во однос на екслузивност на артистите и нивните креации. Токму затоа изложбата секоја година нуди исклучително визуелно но и актуелно сензибилно доживување. Атрактивна и интригантна во истражувањето на просторот и годинешната изложба преку обединување на сите ликовни медиуми,објекти и документација, фотографски снимки, графички техники, скулптура, моделирање, компјутерска анимација и 3Д, видео и звучни проекции, инсталации и перформанси, ќе ги подигне критериумите и ќе претстави нови вредности во артистичкиот израз“, соопштува ДЛУМ.

Следејќи го изграденото реноме на најзначајниот биенален ликовен настан, организаторот ДЛУМ за ова издание за селектор го покани српскиот историчар на уметност, Никола Шуица. Тој најавува избор на дела во функција на галериската просторна достапност што има за цел пред публиката да обедини и класифицира неколку „методолошки интересни и предизвикувачки редефинирања или предизвици кои се јавуваат при продуцирањето на современата уметност“.

Инаку, на седумнаесеттиот „Зимски салон“ изложени ќе бидат повеќе од 60 дела од домашни и странски автори и тоа Англија, Германија, Србија, Хрватска и многу други земји. И оваа година еден од авторите ќе ја добие Гран – При наградата, престој во атељето на „Citè des Arts“ во Париз, што ја овозможува Министерството за култура на Република Македонија.