На фестивалот „Театрален куфер“ претставата „Игра“, во режија на Игор Ивковиќ, ја освои Специјалната награда за најдобра претстава со невербална комуникација
Независната продукција „Театар 007“ од Скопје за претставата „Игра“ во режија на Игор Ивковиќ, ја освои Специјалната награда од интернационалното жири за најдобра претстава со невербална комуникација на Интернационалниот театарски фестивал „Театрален куфер“ што деновиве се одржа во Минск, Белорусија.
Претставата е работена според расказите на Данил Хармс, а како што вели Миодраг Костиќ, продуцент на „Театар 007“ публиката во Минск ја поздравила изведбата со аплаузи на отворена сцена и стоечки овации. „Не само интернационалното жири, туку и бројната публика присутна на фестивалот, беше презадоволна од претставата која е своевиден револт за сите политизирања на театарот, претстава во која се иронизира, исмејува и пародизира се што значи „локално“, „мое“, наспроти „глобално“ и „наше заедничко живеење исполеното со игра“, вели продуцентот.
Во „Игра“ настапуваат актерите: Дарко Вељиќ, Фаик Мефаилоски, Катерина Петровска, Влатко Толески, Јана Пауновска, Анастасија Ашкилова, Дарко Богески и Весна Пановска.
Извор: Утрински весник