На 14 мај (сабота) во Кино Култура, осум тима на средношколци кои во рок од три месеца реализираа граѓански иницијативи и поттикнаа позитивна промена во своите заедници, ќе добијат можност да ги споделат своите успешни приказни со присутните во публиката и жири- комисијата.
Средношколците ќе ги раскажат своите приказни за граѓанските акции и ќе ги инспирираат другите млади дека, иако патот до проманата не секогаш изгледа лесно и едноставно, со упорност, посветеност и јасна визија, активизмот секогаш придонесува кон општествени промени и подобрувања.
Настанот насловен како „Активирај се!“ ќе започне во 12 часот, во Кино Култура.
„Сите присутни на настанот ќе имаат можност да гласаат за една од осумте граѓански акции и да се убедат дека секој може, умее и треба да биде дел од промената во нашата заедница“, стои во поканата за настанот.
„Млади информирани, млади активирани!“ е партнерски проект на Студентската организација ИЗЛЕЗ, ЗГ Младите Можат – Скопје, Асоцијација за здравствена едукација и истражување ХЕРА и Центар за меѓукултурен дијалог – ЦИД. Проектот се спроведува во рамки на Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го реализира Фондацијата Отворено Општество Македонија – ФООМ.