Владата донела одлука за спојување на концесијата за експлоатација на минерална суровина – руди на бакар и злато на локалитетот „с. Иловица“ во Општина Босилово со концесијата на локалитетот „Иловица“ во Општина Босилово и Општина Ново Село на компанијата „Еуромакс“, беше соопштено вчера преку Фејсбук страницата на Службен весник.
Сепак, ваквата информација не беше соопштена преку владините канали за комуникација.
Ваквиот чекор за спојување на концесиите доаѓа откако претходно Управниот суд ја уважил тужбата на компанијата „Еуромакс“ против владината одлука за раскинување на договорот за една од концесиите за рудникот „Иловица-Штука“, откако Вишиот Управен суд го врати предметот на повторно одлучување, пренесува „Дома“.
Активистите против отворање на рудниците здружени под иницијативата „Здрава котлина“ обвинија дека владата станала државен непријател во очи на македонската јавност по спојувањето на двете концесии.
Оттаму велат дека Владата донела тивка одлука за спојување на концесиите, и посочуваат дека тоа била клучна и најголема препрека за добивање дозвола за експлоатација.
„За она што гласно говореа дека нема да се случи, сепак еве, на очи на целата македонска јавност – се случува! После сите скриени тајни и јавни ветувања, правниот ефект е ова денес што читате во службен весник! Приказната е едноставна: Во големата битка за предавството и убиството на Струмичката котлина и се’ живо во неа, искористувајќи ја партиската и државна позиција, постојано се плетат високи политичари (поединци со моќ, неразбрани трговци!) од двете најголеми политички партии (ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ), но сега им се придружи и трета (ДУИ) – силно жедна за профит за сметка на здравјето и животот на сите жители на Струмичката котлина и пошироко! Таква подмолност може да има само во војна!“, напишаа од „Здрава котлина“ на Фејсбук.
Тие истовремено ги повикаа сите луѓе, здруженија, организаици, институции и помали политички партии на кои им е важно ова прашање да се активираат и да влијаат на секој начин каде што можат за да се сопре, како што велат, ова грозоморно дело за сите.
Од „Здрава котлина“ најавија мобилизација и самоорганизирање на народот, порачувајќи дека никогаш нема да дозволат отворање на рудник.