Весникот „Вечер“ денеска на насловната страница објави вест дека на 13. Ноември, Денот на ослободувањето на главниот град во скопскиот ГТЦ ќе биде поставен споменик на поп-ѕвездата со иницијали М.Џ. Понатаму, „Вечер“ „информира“ дека споменикот ќе биде со димензии од 14 метри и со постамент од осум метри. Наводно авторот на споменикот бил Србинот Д.Л. и скулптурата чинела околу 900.00 евра. Оваа вест, без дополнителни објаснувања е поставена и на сајтот на весникот.
Сепак, најверојатно станува збор за несолена шега на „Вечер“ бидејќи деновиве во „Србија“ беше промовиран филмот „Споменикот на Мајкл Џексон“, а режисер на филмот е Дарко Лунгулов, чии иницијали се Д.Л, пишува Фокус. Филмот е копродукција меѓу четири држави, Македонија, Србија, Германија и Хрватска и нашата држава во него учествувала со 10 отсто. „Споменикот на Мајкл Џексон“ е промовиран летоска на филмскиот фестивал во Карлови Вари, а домашната „Дрим фактори“ се’ уште нема договор за презентирање на филмот во Скопје.
Како што јавува Сервисот за проверка на факти од медиумите, фотографијата на насловната страница на весникот е најверојатно од поставувањето на споменик на Џексон во 2010 година пред музеј во Холандија, за што има трага и на овој кинески блог, како и на веб-страницата на самиот музеј.
Интресно е дека неколку дена пред српската премиера на филмот пред киното „Синеплекс“ во Белград била поставена скуптура на Мајкл Џексон.
Град Скопје и Општина Центар, нормално, не знаат ништо за „споменикот“, додека во киното во ГТЦ „Милениум“ потврдуваат дека филмот сега засега не е на нивниот репертор.