Врвните спортисти бегалци кои немаат татковина што би ја претставувале ќе можат да се натпреваруваат на Олимписките игри во Рио во 2016 година под олимписко знаме, изјави претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, Томас Бах пред собранието на ОН.
Резулуцијата која ја поддржуваат 180 од 193 земји членки на ОН, повикува да се почитува Олимпиското примирје од седум дена пред почетокот на игрите во Рио, кои ќе се одржат од 5 до 21 август, седум дена по завршувањето на Параолимписките игри.
„Олимписките игри се време кога се создадени вредностите на толеранцијата, солидарноста и мирот. Тоа е време кога меѓународната заедница се соединува за мирен натпревар. Во олимпиското село гледаме толеранција и солидарност во најчиста форма. Спортистите од сите 206 змеји членки на олимпиското движење живеат во хармонија и без никаква форма на дискриминација“, истакна Бах.
Изминативе месеци Европа се соочува со огромен прилив на бегалци кои бегаат од војната и од сиромаштијата на Блискиот Исток, Африка и Азија.
„Во моментов, ниеден од тие спортисти не би имал шанси за настап на ОИ дури и да се квалификува за настап врз основа на спортските резултати, бидејќи со статусот на бегалец, нема татковина и национален олимписки комитет кои ќе ги претставува. Без репрезентација, без знаме и без химна, тие спортисти бегалци ќе бидат добредојдени на ОИ под олимпиското знаме и олимписката химна. Овие спортисти ќе имаат дом во олимпиското село, заедно со 11.000 други спортисти од 206 земји членки на олимпиското движење“, изјави претседателот на ОИ.