Спортистките во македонските медиуми – често невидливи или сензационализирани

Деновиве почнува Европското првенство во ракомет на кое учествува и македонската женска ракометна репрезентација. Македонските ракометарки веќе се во Унгарија, каде за два дена играат против Шведска. Сите натпревари на македонската репрезентација ќе бидат пренесувани на Арена Спорт. Тие нема да се емитуваат од страна на македонскиот јавен сервис. 

Медиумската покриеност за женскиот спорт во земјава со години цупка во место. Медиуми објавуваат за состојбите и успесите на спортистките со значително помал обем отколку за спортистите. Од друга страна, кога се известува, фокусот од постигнатите резултати се изместува кон изгледот или приватниот живот на жените во спортот, или се подлегнува на традиционалниот наратив дека спортот е „машка“ сфера. 

„На пример, доколу отворите вести и прочитате или слушате нешто, ќе видите дека мажите се портретирани како спортисти коишто остваруваат резултати, односно најпрво се дознава за нивните резултати додека за жените многу често се присутни во медиумите затоа што се мајки или девојки или партнери на некого или затоа што физичкиот изглед им е фантастичен, а нивните спортски резултати се занемаруваат“, вели за Радио МОФ Силвија Митевска, која раководеше со Комисијата за родова еднаквост при Македонскиот олимписки комитет (МОК) од формирањето во 2021 година.

Ваквата медиумска покриеност според неа само го зајакнува родовиот јаз кој со векови високо котира во спортот. Здружението ТАКТ кое се застапува за промовирање на спорт, култура и родова еднаквост, наративот во медиумите го оценува како „сè уште ограничен и недоволно развиен“. Според нив, слабата медиумска покриеност влијае на мотивацијата и способноста на девојките да продолжат да се бават со спорт.

„Женските спортистки и нивните успеси ретко добиваат истата видливост и простор како машките, а кога се објавуваат содржини за нив, тие често се стереотипни и ограничени на одредени ‘популарни’ спортови“, посочуваат од Здружението.

Така, во медиумите женскиот спорт беше делумно забележан со успехот на Женскиот фудбалски клуб Љуботен од Тетово кој пред две години стана македонски шампион – титула што го однесе до квалификации за лигата на шампиони за жени. Љуботенките повторно станаа шампионки оваа година. И двата пати фудбалерките во тимот се млади девојки кои влегуваат во младинската категорија на натпреварувачки.

„Примерот со Женскиот фудбалски клуб Љуботен е навистина инспиративен и покажува дека и покрај бројните предизвици, постои потенцијал за младите девојки во спортот“, велат од ТАКТ. Сепак, позицијата на жените во спортот кај нас често се менува по одредена возраст.

Фото: ЖФК Љуботен

„Кога девојките ги преминуваат категориите на млади спортистки, тие често се соочуваат со недостаток на структурна поддршка“, посочуваат од ТАКТ. „Жените на оваа возраст често се соочуваат со избор меѓу спортот и други обврски, како образование, работа или семејство. За разлика од нив, машките колеги почесто добиваат поддршка за да продолжат со спортска кариера, како од општеството, така и од спортските институции“, забележуваат од Здружението за промоција на спорт.

Причини за тоа, велат се, недоволното финансирање на женските спортски тимови, традиционалните родови очекувања од нив и слабата или дискриминирачка застапеност во медиумите.

Новинарката и фудбалска судијка, Ангела Рајчевска во 2022 година ја истражуваше медиумската покриеност на жените во спортот кај нас. Резултатите покажаа 20% наспроти 80% покриеност. Според неа, медиумскиот наратив пред сè се должи на „непрофесионалноста на новинарите кои ги пишуваат тие вести“.

„Не можам да кажам дека медиумскиот наратив директно влијае врз бројот на жени во спортот, но можам да кажам дека не помага многу за нивно вклучување“, вели таа за Радио МОФ.

Сензационализмот во преден план 

Анализата „Родовите дезинформации препрека за жените во спорот“ објавена есенва ги истражува родово базираните содржини во медиумите за време на Летните олимписки игри, со посебен осврт на случајот со настапот на боксерките Имане Келиф и Лин Ју-Тин. Од прегледот на 400 новинарски извештаи на македонски медиуми објавени во периодот од 27 јули до 26 август, заклучокот е дека новинар(к)ите сè уште широкот го употребуваат сензационалистичкиот јазик предводен од родови стереотипи и дезинформации рака под рака со несоодветната терминологија.

Авторките Сара Миленковска и Бојана Јовановска анализираат текстови во кои за Имане Келиф и Лин Ју-Тин се известува како за „двајца мажи“ на кои им е дозволено да се натпреваруваат во женската категорија. Покрај забележаните контрадикторности во самите извештаи, во кои се вели дека боксерките паднале на тестот за пол, го смениле полот, а потоа дека имаат високо ниво на машки хромозоми, има и такви кои за боксерките користат именки и заменки во машки род.

„По квалификувањето во полуфиналето, на 4 август за првпат во медиумите се пренесува изјава на Имане Келиф, во која таа вели дека е жена и дека ова е победа за сите жени во светот. Но неколку медиуми сѐ уште употребуваат зборови како контроверзна или жена-маж за боксерката“, наведуваат авторките на анализата.

Понатаму, освојувањето на златниот медал на Лин Ју-Тин се пренесува како контроверзно и спорно. Тој ден, пишуваат истражувачките, се шири и веста дека Келиф поднесува тужба до париското обвинителство за сајбервознемирување, „за мизогинска, расистичка и сексистичка кампања“.

„И покрај тоа што сите три извештаи имаат наслови според кои може да се заклучи дека против Келиф е поведена судска постапка, сепак во текстот на извештаите не станува збор за никаква постапка, само се пренесуваат информации за изминатите случувања поврзани со нејзиното учество на Олимписките игри“, посочуваат авторките.

Според Миленковска и Јовановска ваквиот медиумски наратив креира плодна почва за ширење на трансфобија и говор на омраза на социјалните мрежи. Анализата природно се префрла во коментарите што Фејсбук корисници ги дваат под медиумските објави, а кои се со „сексистички навреди, објективизирање на женското тело, особено на боксерките, родово-несензитивен јазик и поврзување на родовата еднаквост со социјалните проблеми во општеството“.

„Во споредба со претходните извештаи за родови дезинформации, каде што говорот на омраза главно се појавуваше во коментарите на социјалните мрежи, во овој случај примарен извор станаа новинарските извештаи. Ова претставува значителна промена, бидејќи наративите што содржат родови стереотипи и дезинформации сега произлегуваат директно од уредниците и медиумите или новинарските редакции, кои ја поставуваат темата во јавниот дискурс“, стои во анализата.

Принтскрин преземен од истражувањето

Анализата упатува дека медиумите треба да се свестат за тоа колкава е нивната улога во креирањето на јавното мислење.

„Ова медиумско поставување на темата ги зголемува тежината и распространетоста на антиродовите наративи, како што е користењето термини како ‘родова идеологија’, кои намерно создаваат конфузија и страв меѓу јавноста“, се наведува во истражувањето.

Принтскрин преземен од истражувањето

Како до промена на наративот? 

Она што го забележала Ангела Рајчевска по објавувањето на своето истражување е дека прашањето за медиумската покриенот на жените во спортот станало актуелно. Покрај тоа, вели таа зачестило емитувањето на спортот во женска категорија на националниот сервис.

„Конкретно во фудбалот, започна да се емитува по еден натпревар во живо од Првата женска лига на Јутјуб каналите на Фудбалската федерација на Македонија. Највпечатливо и значајно за мене беше тоа што јавноста почна да зборува на оваа тема, зачестија панел- дискусиите, истражувањата и институционалните залагања за подобрување на состојбата, со цел спортистките да го добијат своето заслужено место во етер“, посочува таа.

Силвија Митевска во моментов е директорка на спортската женска организација „Спорт Соушл Солушнс“ (Sport Social Solutions) која соработува со Македонскиот олимписки комитет за зголемување на видливоста на жените во спортот. Како позитивен пример го споменува настанот „Златна олимпија“ на кој се доделуваат награди за успешни спортистки.

„Се организира секоја година и уште е пристуен во медиумскиот простор. Тоа е настан посветен само на жените има седум – осум категории во коишто се номинираат само жени и се избираат само жени. Ова е една платформа за да докажеме и покажеме дека резултатите на жените се подеднакво вреднувани како оние на нивните колеги“, поентира Митевска.

Наградите „Златна олимпија“ / фото: МОК

Од Здружението ТАКТ пак нагласуваат дека за промена потребен е поинаков стратегиски пристап на државата, бидејќи, како што велат проблемот е системски и треба да се решава на ниво на неколку области, меѓу кои е и медиумската поддршка. Велат дека кампањите за подигање на свеста и покрај препораките на светските организации во земјава ги прават невладини организации и меѓународни иницијативи, додека поддршката од институциите е ограничена.

„Државата треба да ги поттикнува медиумите да известуваат за жените во спортот преку субвенции, кампањи и создавање посебни платформи за промоција на женскиот спорт“, велат од ТАКТ.

Според нив, кампањите треба да бидат широко достапни, особено во руралните области, со цел да се допрат до девојките и жените кои најмногу се соочуваат со родовите бариери.

„Медиумите треба да бидат партнер во овие напори, со цел да се создаде позитивен и инспиративен наратив за жените во спортот. Иако постојат исклучоци и добри примери, напредокот е бавен, а за вистинска промена потребно е интегрирање на овие активности на системско ниво“, потенцираат од Здружението.

Други области во кои треба институционална заложба за кревање на свеста се едукација преку вметнување на спортот и родовата еднаквост во образовните програми и финансиска поддршка преку правична распределба на средствата меѓу машките и женските спортски тимови. Тоа подразбира инфраструктура, тренинг-кампови и оптема за женските спортови. Од ТАКТ наведуваат дека се потребни и регулаторни мерки како квоти за жени во управните тела на спортските организации за да се зголеми застапеноста на жените во одлучувачките позиции.

Вака некако се конципирани и бариерите за родова нееднаквост кои ги регистрира Меѓународниот олимписки комитет. Тие се сведуваат на нееднаков пристап до учество во спортот, нееднаков пристап до ресурсите, во што влегува и пристапот до термин во спортските сали за што предност на избор имаат машките спортисти, родовата застапеност на управувачки позиции и креирање политки од каде речиси изоставуваат жените, безбеден спорт во однос на ризиците од насилство на кои жените се поподложни и медиумската покриеност.

Работилници за женско лидерство во спорт / фото: Sport Social Solutions

Индексот на родова еднаквост спроведен од Министерството за труд и социјална политика и Државниот завод за статистика покажува дека учеството на жените во управните органи на националните спортски организации е 9,1% за 2018-2019-2020 година, додека истиот во 2015 бил само 8,9%.

„Фактот дека зголемувањето е минимално сугерира дека не постојат јасно дефинирани политики или мерки за зголемување на женското учество. Потребни се квоти, поддршка и едукација за да се поттикне поголемо учество на жените. Овие бројки исто така укажуваат на отпор или инерција во спортските институции за интегрирање на родовата еднаквост. Многу од овие тела се доминирани од мажи и имаат длабоко вкоренети традиции кои го ограничуваат учеството на жените. Минималниот пораст сугерира дека промените се повеќе декларативни отколку суштински. Без поагресивни политики за инклузија, овие бројки ќе продолжат да растат многу споро“, велат од ТАКТ.

Додека Митевска раководела со Комисијата за родова еднаквост при МОК, изгласан бил план за поголема родова застапеност во спортските управувачки структури.

„Родовиот индекс од пред неколку години кога излезе велеше дека над 93% од спортските национални федерации се управувани од мажи. Меѓутоа ние моментално имаме уште едно истражување коешто ќе излезе за некој месец во кој се опфатени 30 федерации и велиме дека над 80% се управувани од мажи – значи има некој напредок, но тоа е навистина минимално. Една од работите коишто ги предложивме е нели воведување на афирмативни мерки односно на квоти и сега работиме на тоа да се случи и на ниво на федерации и секако по можност на Олимпискиот комитет“, посочува Митевска.

Нејзината организација сега работи на низ активности за унапредување на позицијата на жените во спорот. Прават работилници за жени на лидерски позиции, обуки со раководните лица од спортските федерации, планираат и работилници за безбеден спорт.

„Речиси сите се преку МОК“, вели Митевска.

Последната нивна заедничка активност е настан за поттикнување на женско претпримеништво преку спорт.

Фото: МОК

„Сметаме дека една од клучените работи кај нас кога зборуваме за омоќување на жени во спортската индустрија е да бидат финансиски независни и економски стабилни и сметаме дека спортот и претприемништвото сè уште важат за сфери кои се доминирани и резервирани за мажите и преку овој настан којшто одлично помина се обидовме да ја смениме оваа перцепција“, заклучува Митевска.

Во меѓувреме на официјалната страна на Македонскиот олимписки комитет името на Комисијата за родова еднаквост е променето во „Комисија за родова рамноправност“. Прашањата зошто e сменето името, но и кој точно претседава со Комисијата, остануваат неодговорени од МОК до објавување на овој текст.

Ангела Бошкоска