Мешаните тимови од дебатните клубови на средните училишта „Цветан Димов“ и „Јосип Броз – Тито“, денеска во општина Чаир ги спротивставија своите аргументи на тезата „Формалното образование (не) треба да биде главен носител на меѓуетничка интеграција“.
Членовите на афирмативниот тим тврдеа дека училиштето треба да биде просторот кој овозможува меѓуетничка интеграција бидејќи таму младите минуваат најголем дел од своето време.
„Заедничкото образование и наставата помагаат за надминување на предрасудите. И за време на часовите и на одморите ние се дружиме меѓу себе, па затоа формалното образование е најдобро место за меѓуетничка интеграција, за соработка, толеранција и соживот“, истакна Аријета Ајдини, средношколка во „Цветан Димов“.
Од негацискиот тим пак аргументираа дека училиштето не е единственото место за дружба и дискусија. Според овој тим, многу поголема улога врз формирање на ставовите и предрасудите кај различните етнички заедници во земјава имаат родителите, медиумите, но и неформалното образование.
„Во денешно време секој средношколец посетува барем една воншколска активност, можеби фудбал, учи странски јазик оди на дебата. Па ако јас сум дебатер, тогаш најголем дел од моите пријатели ќе бидат од дебатниот клуб. Разликата меѓу овие активности и училиштето е тоа што овде се дружиме заедно бидејќи нешто навистина не интересира, независно кои сме и од каде доаѓаме“, посочи Филип Даскаловски, ученик во „Јосип Броз – Тито“.
Денешната дебата е дел од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, активност реализирана во соработка со Дебатната програма на Младински образовен форум која цели кон подобрување на културата на дијалог, зајакнување на нивото на аргументираното говорење, поттикнување на општествена дискусија на релевантни теми и интеграција во општеството.