Претседателот на Студентскиот парламент на УKИМ, Kирил Спироски, ќе бара воведување на домска легитимација за македонските студенти. Како што објави Дневник, студентскиот лидер воведувањето на ваквата картичка ќе го побара уште во текот на оваа академска година, а студентската домска легитимација ќе треба да ја поседува секој студент сместен во студентски дом.
„Вакви картички има во многу земји, меѓу кои и Србија. Со нив ќе се спречи манипулацијата со студентските бонови за исхрана, но и ќе се зголеми безбедноста бидејќи ќе служат и за влез во студентските домови“, вели Спироски за Дневник.
Инаку во моментов тече поднесувањето барања за легла во студентските домови за академската 2013-2014 година. Апликациите за Скопје се поднесуваат во студентскиот дом „Kузман Јосифовски-Питу“до 20 август.
Од Министерството за образование и наука велат дека во домовите има место за 6.369 студенти, а со новите измени во Законот за студентскиот стандард 40 отсто од вкупниот број студентски легла ќе бидат дадени на студенти од ранливите категории, додека 25 отсто за најуспешните студенти.