Во земјава денеска пристигнаа 20.000 вакцини против коронавирусот на производителот Спутник, а се очекува да стигнат уште дополнителни 20.000 вакцини, како донација од Република Србија, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.
Пристигнувањето на оваа донација која е втора по ред, откако Србија ни донираше над 8.000 вакцини од производителот Фајзер, премиерот Заев ја опиша како акт на огромно пријателство кое доаѓа во многу значајно време, додавајќи дека тие доаѓаат во период кој е многу важен за да продолжи континуитетот на масовна вакцинација во земјата.
„Сега кога почна масовната вакцинација во нашата земја со 24.000 АстраЗенека од ковакс системот кој што буквално почна од вчера, за да може да не прекине динамиката и континуитетот на вакцинирање, овие 2 пати по 20.000 вакцини се навистина драгоцени за да можеме додека стигнат нашите количини кои се нарачни од ковакс, Европската Унија, директните договори со Кина, со Руската Федерација за спутниковите вакцини, од Фајзер кои што ги имаме договорнео“, рече Заев.
Исто така тој посочи дека салата „Борис Трајковски“ во Скопје е веќе подготвена за масовна вакцинација, но и дополнително дека се подготвуваат и други објекти за оваа цел.
Министерот за здравство Венко Филипче пак, исто така посочи дека со ова се овозможува континуитет на веќе започнатиот процес на имунизација, но истовремено додаде дека со ова се овозможува и побрз почеток, односно, вклучување на поголеми групи од критичната инфраструктура која е предвидена согласно Националниот план за имунизација.
„Сега кога се веќе достапни во нашата земја и овие вакцини, претходните околу 5.000 преостанати од АстраЗенека ги вклучуваме во постојниот систем, кој што процес на имунизација ширум здравствените домови добро се спроведува за да се дополни бројката на постарите граѓани кои што се веќе пријавени, со тоа што се проширува сега и возрасната група. Вакцините на Спутник ќе бидат во еден дел да се надополнат уште повеќе овие критични категории на граѓани, но и за почеток на оние категории кои веќе ги најавивме, согласно најавата дека ќе ја чекаме и официјалната потврда на агенцијата ЕМА, и нивното мислење за тоа дали на помлади групи граѓани може да се даде вакцината на АстраЗенека. Ние сега тој процес ќе го започнеме токму со оваа количина од вакцината на Спутник“, рече Филипче.
Пред четири дена во земјава пристигнаа и 24.000 вакцини на компанијата АстраЗенека, а со тоа вчера почна и вакцинацијата на граѓаните над 77 години. Според информациите на Министерството за здравство, вчера се вакцинирале 730 граѓани на пунктовите низ државата, а се очекува дневно да се вакцинираат од 30 до 55 лица во еден пункт.
Според официјалната веб-страница за вакцинација против Ковид-19, досега против Ковид-19 се вакцинирале 7.735 лица, додека над 121.000 граѓани искажале заинтересираност.