Десетици илјади граѓани во Белград по третпат излегоа на протест под слоганот „Србија против насилство“, во еден од најмасовните собири во поновата историја на земјата.
Демонстрациите, кои започнаа да се организираат секој петок, беа поттикнати од масовните убиства кои се случија во Србија пред три недели.
Граѓаните синоќа го започнаа протестот од пред зградата на српскиот Парламент, а потоа маршираа до „Бранков мост“ и мостот „Газела“ каде го блокираа сообраќајот. Неколку стотици граѓани поставија шатори и го блокираа автопатот во текот на целата ноќ.
— Sajam Ludaka (@BoraKonj) May 19, 2023
Српската опозиција, кои ги организираат протестите, ги повтори барањата за оставки на министерот за внатрешни работи и шефот на безбедносно-разузнувачката служба како и смена на челниците на Регулаторната агенција за електронски медиуми. Дополнително тие бараат и одземање на националните концесии на провладините телевизии Пинк и Хепи, за кои велат дека во нивните ријалити емисии често се повикува на насилство и омраза, како и на печатените медиуми и таблоиди кои промовираат насилство.
Поради притисок од јавноста досега оставка веќе даде министерот за образование, Бранко Ружиќ.