Србите и Македонците „со здравје го плаќаат“ аерозагадувањето

Наташа Јанчиќ-Менкоски најмалку еднаш месечно ја води својата шестгодишна ќерка, Петра, на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата во Скопје, бидејќи нешто кај неа предизвикува алергиски ринитис, односно поленска треска. Можеби инфекција, но најчесто тоа е загадениот воздух. Наташа, со куп медицински документи во рацете, нервозно чека.

„Оваa документација не е од една година, туку за само од неколку месеци“, вели таа.

Според податоците на Светска банка, загадениот воздух во Северна Македонија секоја година убива околу 1.350 луѓе. Најранлива категорија се децата, со оглед на тоа што се во развој, а со тоа дишат и побрзо, пишува БИРН.

Педијатарот на Петра, Елена Ѓиновска-Тасевска, објаснува дека ПМ10 честичките, со дијаметар од 10 микрони или помалку, и честичките ПМ2,5 „може да навлезат во најмалите бронхиоли и алвеоли“, што ги влошува респираторните состојби кај децата, вклучително и алергискиот ринитис. А овие состојби се развиваат кај сè поголем број деца.

„Денес секое дете има алергија, а загадувањето на воздухот е главниот фактор кој ги влошува алергиите, особено во грејната сезона“, вели за БИРН, Ѓиновска Тасевска.

Но, она што е иронично е што Клиниката за респираторни заболувања кај децата во Козле, каде што се лекува Петра, како и повеќето јавни институции во Македонија, се загрева на нафта.

Слична е ситуацијата и во соседна Србија, каде, како што објаснува експертот за загадување, Дејан Лекиќ, повеќето јавни институции, како што се болниците, училиштата и градинките, сè уште користат мазут, кој е поевтина, но и поштетна алтернатива на гасот. Малите и средните котли кои согоруваат мазут, се најзначајниот извор на суспендирани честички, вели тој за БИРН.

„Градската болница ‘Звездара’ во Белград, се грее на мазут, а до неа е Клиниката за пулмологија“, посочува Лекиќ.

Пристап во ЕУ: „Нема шанси“

Од Канцеларијата на Европската Унија во Скопје, соопштуваат дека до 2013 година, од фондовите на ЕУ се потрошени 5,7 милиони евра за спречување на загадувањето во Северна Македонија, вклучувајќи мониторинг, управување со податоците за квалитетот на воздухот и легислативата.

Дополнителни 26,9 милиони евра од фондовите на ЕУ се ставени на располагање или потрошени по 2013 година, од кои десет милиони наменети за Скопје, како и за Битола, Тетово и Куманово, кои со години се најзагадените македонски градови. Овие пари се наменети за постепено исклучување на котлите на мазут и за проширување на системот за централно греење во Скопје.

Сепак, што се однесува до средствата од буџетот на Македонија, за заштита на животната средина се потрошени помалку од 0,5 отсто и покрај настојувањата на земјата за влегување во ЕУ.

„Нема шанси да влеземе во Европската унија, ако имаме толкава концентрација на загаденост на воздухот“, изјави Насер Нуредини, поранешен министер за животна средина и просторно планирање и поранешен специјален претставник на претседавачот со ОБСЕ за климатски промени.

Целата тема прочитајте ја на сајтот на БИРН – Призма.мк