Во кафе и филм „Котур“ денес (понеделник, 25 март) од 18 часот ќе се одржи хуманитарен настан, кој, како што стои во најавата, ќе биде насочен за собирање донации и помош погодените од окупацијата на Палестина и геноцидот во Газа.
„Ова што го сведочиме во Газа не е хуманитарна криза, туку криза на светската хуманост. Во изминатава речиси половина година, колку што трае последната израелска воена офанзива врз Газа, убиени се повеќе од 30.000 Палестинци, а ранети повеќе од 73.000. Речиси 70% од жртвите се жени и деца, а повеќе од 20.000 деца се сметаат за сираци без преживеан член на семејството, што претставува хуманитарен и морален предизвик, без преседан во историјата на човештвото“, стои во најавата на настанот во „Котур“.
Понатаму, пишува дека 60% од инфраструктурата на Газа е оштетена или уништена, а 85% од населението е внатрешно раселено, без пристап до храна, чиста вода, лекови и медицинска помош и нега.
„Дури и кога окупацијата и геноцидот во Газа би завршиле денес, а преживеаните деца би ја добиле сета потребна грижа и помош, тие ќе продолжат да ги носат психолошките лузни до крајот на своите животи, исто како возрасните кои ја носат генерациската траума на своите предци – жртви на децениите етнички чистења и прогони. Овој настан го организираме во сочувство со страдањата и од восхит кон автентичниот отпорот на палестинскиот народ против децениите угнетувања, узурпации, протерувања и масакри“, стои во најавата.
Програмата ќе вклучува читање поезија од палестински автор(к)и и музички настап на Катерина Димитровска, Илија Трпковски и Ибрахим Ел Аттар.
Влезот ќе се напалаќа со донации од минимум 100 денари.
„Ве каниме на настанот да донесете: домашно приготвени слатки и суво овошје, како прилог за кафе, чај или друг пијалок, кое ќе го споделите со присутните. За дегустирањето на храната ќе се собираат донации. Исто така, и од едно до три парчиња облека кои што би ги изложиле за продажба, а целосната сума од заработката би одела во кутијата за донации“, соопштуваат организаторите.
Сите собрани средства на настанот, како и процентот од дневната заработка на „Котур“, ќе бидат уплатени за хумантирните цели на Ghassan Abu Sittah Children’s Fund, Medical Aid for Palestinians (MAP) и Palestine Children’s Relief Fund (PCRF).