Поради заминувањето во пензија на двајца матични лекари, речиси 1.200 деца и 4.000 возрасни од Шуто Оризари се оставени без основна здравствена заштита веќе 2 месеци, сред пандемија. На целата територија на општината по 17 часот, освен еден лекар и две медицински сестри во ПЗУ Интергин нема друг медицински персонал.
Со заеднички реакција, 12 здруженија кои работат на унапредување на здравствениот статус на Ромите, алармираат за како што велат, неодговорното однесување на институциите кон заштитата на здравјето на граѓаните од оваа општина.
Пред повеќе од еден месец, здруженијата побараа итно решение на проблемите. Но, до денес добиле само негативен одговор од Здравствен дом – Скопје, додека реакција се уште чекаат од Министерството за здравство и Фондот за здравствена заштита.
Тие бараат итно да се назначат нови матични лекари и педијатар во општината Шуто Оризари. Потоа, обезбедување на минимум услови за соодветно функционирање на поликлиниката Шуто Оризари со итно назначување на раководно лице кое ќе го организира работењето на поликлиниката во согласност со потребите на граѓаните.
„Апелираме надлежните институции повеќе да не го игнорираат здравјето на граѓаните од Шуто Оризари и бараме итно да ја обезбедат нивната здравствена заштита особено во екот на третиот бран од ширење на заразата со Ковид-19, која е со животно- загрозувачки последици за граѓаните кои немаат соодветна здравствена заштита“, стои во реакцијата.
Радио МОФ и претходно пишуваше за проблемите со кои се соочуваат граѓаните од општина Шуто Оризари во пристапот до здравствена заштита.
„По заминувањето во пензија на единствената лекарка која обезбедувала здравствена заштита за деца, само 250 деца се регистрирани во поликлиниката Интергин, додека останатите, остануваат без правото на основна здравствена заштита. Подолг временски период, матичните лекари не добиваат обрасци за Избран лекар бидејќи Фондот за здравствено осигурување не ги доставува поради што, и оние малку граѓани за кои постојните матични лекари биле подготвени да ги регистрираат, ја немаат можноста без образец за избран лекар. Дежурната служба во поликлиниката Шуто Оризари има недостиг на лекари поради што, оваа служба во време на викендите, функционира променливо, односно, некогаш има дежурна служба, но многу често дежурната амбуланта, не работи“, гласат дел од проблемите кои ги забележале здруженијата.
Тие потсетуваат дека правото на здравје е основно човеково право, загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија и ратификуваните меѓународни конвенции и принципи, како што е Меѓународната повелба за економски, социјални и културни права, која предвидува дека секоја држава потписничка, се обврзува да преземе чекори кон обезбедување на доволно ресурси за остварување на правото на здравје и здравствена заштита.
„Овие граѓани во случај на зараза со Ковид-19 немаат пристап ниту до услугите од матичните лекари во упатувањето и следењето на лицата заболени од Ковид-19 во домашни услови во ек на пандемијата. Ние сме загрижени дека без итно постапување од надлежните институции и овозможување на основната здравствена заштита ќе остави долгорочни последици по здравјето на населението од Општината Шуто Оризари. Особено ќе бидат засегнати повозрасните лица, малите деца, лицата со хронични заболувања и останати ранливи групи од населението“, стои во реакцијата.