Со фрлање јајца кон Министерството за образование и наука вечерва средношколците го искажаа својот револт од најавите за полагање државна матура во време на онлајн настава и пандемија. Од МОН пак се децидни – Матура мора да има, не смееме да правиме компромис со квалитетот на образованието.
„Државна матура треба да има затоа што со неа се заокружува стекнатото знаење и она што е многу важно ги насочува учениците во понатамошниот образовен процес. Образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации. Министерството за образование и наука нема да дозволи пандемијата да се одрази на развојот и напредокот на учениците, а со тоа и на иднината на нашата држава. Иако, оваа година сите се соочуваме со нови предизвици, со огромен ангажман и посветена работа на наставниците, учениците и родителите обезбедиме континуитет во образовниот процес. За ова се бориме од самиот почеток и нема да отстапиме од оваа цел“, соопштија од МОН.
Велат дека министерката за образование и наука Мила Царовска и претставници од министерството веќе се сретнале со Сојузот на средношколци и со Гласот на матурантите. Сепак, средношколецот Слободан Спасовски, од Гласот на средношколците, кои стојат зад денешниот протест, на денешниот протест изјави дека барале средба со надлежните како и дека пред две недели, кога најавија протести, биле примени во во МОН. Сепак, додаде, по неколку часа чекање за разговор, си отишле.
Од МОН уште додаваат и дека средношколците на состаноците биле известени дека заедно со нив и со училиштата, наставниците и со здравствените власти ќе најдат начин самото полагање да биде безбедно.
„Исто така, Министерството за образование и наука најави промени во концепцијата на државната матура кои би се применувале од 2021/2022 година, а ќе се прават во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците“, додаваат од МОН од каде ги повикуваат матурантите, низ заеднички дијалог да понудат решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка.
Средношколците пак кои денеска протестираа им дадоа рок на МОН до вторник да одговорат на нивните барања и годинава, како и лани да не се полага државмата матура. Бараат да остане само проектната задача, како и да им се овозможи полагање на оние средношколци кои сакаат да се запишат на факултети надвор од државата.
Тие прво се собраа пред МОН, за подоцна да го блокираат булеварот пред оваа институција, а својот револт го искажаа и со фрлање јајца кон објектот на МОН. Дел од нив беа легитимирани од полицијата и предупредени да не го нарушуваат јавниот ред и мир.
View this post on Instagram
Ј.Ј
Фото: Мартин Колоски