Средношколци креираа иновативни решенија за намалување на загадувањето на воздухот

Учениците од средните училишта се способни и спремни да бидат носители на промени во општеството преку своите иновативни решенија за различни општествени проблеми и предизвици. Ова беше заклучокот од „буткампот“ на „UPSHIFT“ програмата која  од 2 до 4 ноември се одржа во Струга. Тридневниот настан „UPSHIFT Bootcamp“ е со цел развој и поддршка на социјални иновации поврзани со воздухот каде 10 средношколски тимови беа избрани за финалисти на отворениот повик на програмата, соопшти здружението Лидери за едукација, активизам и развој (ЛЕАД).

Средношколски тимови од Скопје, Гостивар, Делчево и Македонска Каменица составени од по 5 ученици со поддршка на ментор ги развиваа своите решенија за проблемите поврзани со загадување на воздухот. Прекумерно користење на фосилни горива, непостоење на филтри за прочистување, несовесно третирање на отпад, се само дел од предизвиците за кои средношколците понудија свои решенија, велат од ЛЕАД.

СУГСГ „Орце Николов“ – Скопје ќе работат на создавање компанија која саѓите на веќе постоечките оџаци и филтри ќе ги употреба за производство и продажба на мастило, чиј профит потоа ќе го инвестира во поставување на нови филтри.

СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ – Скопје ќе работат на создавање на иновативен систем за филтрација на воздух, наречен Хексам филтер кој ќе се поставува на прозорци, транспортни средства, фабрики и на отворено.

СОУ „Миле Јаневски-Џингар“ – Македонска Каменица ќе креира ученичка компанија која ќе увезува и одгледува сребрена бреза, дрво кое е способно да апсорбира повеќе од 3100 килограми јаглероден диоксид.

СОУ „Методи Митевски-Брицо“ – Делчево ќе постават електростатски филтри на оџаците од своето училиште, основното училиште, детската градинка и центарот за лица со посебни потреби. Поставените филтри ќе прочистуваат 99% од штетните
честички.

СОУ „Гостивар“ – Гостивар ќе конструираат биоразградувач „ТТД“ што ќе користи биоразградлив отпад кој ќе го трансформира во биогас кој ќе произведува електрична енергија за домашна употреба. Со тоа ќе се спречи загадување на воздухот со метан.

Победницитe добија по 120.000 денари и тримесечно менторство за развој на социјалните иницијативи во своите заедници, посочија од ЛЕАД.

„Буткампот“ го отворија претставници од УНИЦЕФ, Амбасадата на Шведска и Фондот за Иновации и Технолошки развој со чија поддршка се спроведува програмата.

„Младите во Северна Македонија, како и насекаде во светот, бараат да се преземе акција за да можат да дишат чист воздух и да живеат во здрава, одржлива животна средина“, рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили посочи дека е горд што преку „UPSHIFT“ програмата и оваа година успеале да им дадат шанса на голем број млади претприемачи да работат на иновативни решенија на тема која ги засега сите.

„Ние во Фондот се обидуваме постојано да бидеме отворени кон нови иницијативи и идеи на младите, креативни умови, кои имаат амбиција да креираат успешна и просперитетна генерација која ќе креира долгорочни позитивни промени за целото општество.
Верувам дека на младите луѓе треба да им се даде шанса и простор и исто така верувам во нивниот потенцијал и енергија да создадат големи промени”, рече Халили.

Извршниот директор на ЛЕАД Иван Јованов рече дека загадениот воздух е предизвик во речиси сите градови во земјата.

„Земајќи го ова во предвид нашите средношколци изработија иновативни решенија кои ќе придонесат за дишење на почист воздух во своите средини. Тие покажаа дека кога ќе им се даде можност, знаат да се активираат и да размислуваат претприемнички“. изјави Јованов, извршен директор на здружението ЛЕАД кое е имплементатор на програмата.

„UPSHIFT“ е програма наменета за ученици (14-19год.) од средните училишта кои имаат идеја за решавање на предизвик/проблем во нивната заедница.