Средните медицински училишта од Штип, Гостивар и Тетово денес реагираа на одлуката на Министерството за образование и наука (МОН) да ги исклучи учениците од здравствените струки од конкурсот за стипендии во дуално образование.
Радио МОФ стапи во контакт со директорката на медицинското училиште СОУ „Јане Сандански“ во Штип, Марија Николиќ која изјави дека на овој начин МОН ги дискриминира учениците, а не смее.
„Ние и претходната година имавме искуство со една дуална паралелка и тогаш конкурсот беше општ, односно се однесуваше на сите ученици запишани во дуалните паралелки дека се стекнуваат со правото да добијат стипендија од 3.500 денари. Во тек на правење на кнкурсот, во јануари-февруари, ние успеавме во соработка со над триесет компании од здравствениот сектор, да влучиме меморандуми за соработка и сите паралелки да ги запишеме во дуалното образование од сите образование профили кои ги имаме во училиштето. Немавме никаква информација дека ќе се случи ова и информацијата за тоа што е објавено по однос на конкурсот ја добивме во моментот на објавување на конкурсот на МОН“, рече Николиќ.
Во штипското медицинско училиште има пет струки во кои се запишани 169 ученици. Тие учат во седум паралелки и сите следат настава според дуално образование, односно слушаат теоретска настава и посетуваат пракса.
Револтот за ваквата одлука го изразиле заедно со медицинското училиште во Гостивар од каде денес учениците во прва година излегоа на протест и со медицинското училиште во Тетово. По нивната реакција од МОН денес соопштија дека следниот месец ќе објави конкурс за ученички стипендии за здравствените струки во дуално образование.
„Заеднички го изразивме нашето мислење и револт за направената дискриминација, а после два часа министерот имаше изјава и прашањето беше од нас поставено директно до министерот така да одговорот го добивме на тој начин“, рече директорката.
Од ресорното министерство попладнево соопштија дека конкурсот опфаќа 600 стипендии за ученици од здравствените струки запишани во дуални паралелки.
„Учениците запишани во здравствените струки годинава не можат да аплицираат на конкурсот за доделување 1500 стипендии за ученици запишани во дуални паралелки. МОН одлучи да ги одвои, односно за нив да објави посебен конкурс за стипендии, а целта е на сите ученици кои се дел од дуалните паралелки, да им се излезе во пресрет и да се поддржат со финансиска стимулација поради тоа што одбрале дефицитарни струки“, рекоа оттаму.
Аплицирањето ќе се спроведува електронски, преку порталот www.e-uslugi.mon.gov.mk. На оние на кои ќе им биде одобрена, стипендијата ќе им се исплаќа за целата учебна 2023-2024 година.
Ангела Бошкоска