Под мотото „Сите да се избориме ние да не сме следните жртви во системот – Ти си следен“, денеска на пладне во Струга се одржа протестен марш од Домот на културата „Браќа Миладиновци“, преку чаршијата, па се’ до паркот на поeзијата.
За мирниот протестен марш, средношколците уште претходно рекоа дека ова не е само глас против корупцијата, туку и оддавање почит кон жртвите од трагедијата во Кочани.
„Да се придржуваме до принципите на мирен и достоинствен протест. Нашата цел е заедно да испратиме сила порака – дека неправдата, корупцијата и загубата на невини животи не смеат да бидат игнорирани. Ве молиме да останеме смирени, да не подлегнуваме на провокации и да го изразиме нашиот револт на цивилизиран начин, со почит кон сите присутни и кон јавниот ред“, рекоа струшките средношколци, иницијатори на маршот.
„Наша сила е единството и заедничкиот глас – да го искористиме на најдобар можен начин“, дополнија средношколците.
Фото и видео: strugaonline.mk