Средношколци кои годинава завршуваат четврта година ќе излезат на протест за да побараат укинување на полагањето државна матура за оваа учебна година, поради актуелната пандемија. Средношколските протести ги најавуваат за 11 декември, од 15:30 часот. Планот е да се протестира во неколку градови – пред Министерството за образование во Скопје, но и пред општинските згради во Охрид , Кавадарци, Штип…
„Организатори на ова сме главно јас (Викторија Петровска н.з.) и Магдалена Илиевска од ГУЦ. Откако класната почна да ни кажува дека ќе има матура дискутиравме со нашиот клас на темата и навистина има многу причини за нашето барање за укинување на државната матура. Навистина очекуваме да се укине матурава бидејки целата онлајн настава е голем стрес за нас и се поминува премногу брзо и не верувам дека ќе има време и можност ние вака онлајн да се спремиме за државната матура. Матурантите се многу, а професорите малку и ретки се професорите кои успеваат да се снајдат да предадат преку компјутер“, вели матурантката Викторија Петровска.
Бленди Ходаи, од Сојузот на средношколци пак вели дека имаат информации дека се организира протест, а додава и дека разговарале со групата средношколци кои стојат зад протестот.
„Разговаравме минатата недела. Им кажавме дека ние сепак, во овој момент се уште верувме дека може да има институционално решение за проблемот со полагањето матура“, вели Ходаи.
Во моментов додава дека ги анализираат сите опции и последици од полагањето и неполагањето матурски испит. Додава дека иако нема да го поддржат овој протест, сепак оставаат нивните членови сами да одлучат дали ќе протестираат или не.
Министерката за образование и наука Мила Царовска, на новинарско прашање денеска за најавите за средношколски протест за укинување на државната матура одговори дека се во постојана комуникација со средношколците со кои дискутираат за овие прашања.
„ Согласно законот, матурата е обврзувачка, затоа што на тој начин тие имаат стартна позиција да се запишат на факултет. Во целиот регион и во сите европски земји, каде минатата година се уште се прилагодуваа образоните системи, се одржа матурата. Компромис со квалитетот на образование не смее да се прави, во држави што се стремат кон европски критериуми, и држави што внимаваат да нивните генерации, кои понатаму треба да ја движат и раководат државата – мора да имаат одреден капацитет и потенцијал. Матурата е добивање на одредено ниво на знаење и верификација на истото тоа знаење. По сите здравствени протоколи, сигурна сум дека ќе имаме успешна матура, доколку ситуацијата е ваква како што ја имаме во моментов. Но, согласно законските рокови тие треба да пријават предмет, требаше до крајот на ноември да пријават проектна задача. И, тоа се случува. Сметам дека заеднички ќе имаме успешна матура и успешна учебна година“, изјави министерката Царовска.
Минатата учебна година, поради пандемијата и физичкото затворање на училиштата во месец март, државната матура беше укината за цела генерација матуранти.
М.П./Ј.Ј.