Средношколци од „Д-р Панче Караѓозов“ учеа зошто не треба да пушат електронски цигари и тутун

Предавање на тема „Штетни ефекти од употребата на тутун и тутунски производи по здравјето на децата од училишна возраст“ се одржа завчера, како резултат на взаемната соработка на Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје од Скопје и Средното медицинско училиште – СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ од Скопје.

„Предавањето имаше за цел да ги запознае учениците – идни здравствени работници, со негативните последици по здравјето од употребата на тутунот и тутунските производи, со оглед на трендовите во зголемување на бројот на ученици и млади кои ги користат цигарите, и особено електронските цигари, тутун што не е за пушење и несогорлив тутун“, информираат од Институтот за јавно здравје.

На предавањето им се обратила Флора Хамид од ЦЈЗ Скопје, а предавачи биле проф. д-р Елена Ќосевска и д-р сци Сања Прошева.

„На предавањето учествуваа околу 50 ученици, педагози и професори од училиштето. Во рамки на презентациите беше промовиран Центарот за откажување од пушење  и телефонската линија во Институтот за јавно здравје на РСМ со можностите за групни и индивидуални советувања и препораки за нефармаколошка и заместителна терапија“, велат од Институтот.

Настанот завршил со насоки до персоналот и учениците, дека здобиените знаења и добиените презентации од предавачите би требало да ги споделат на класните часови со останатите ученици во училиштето.