Ученичката компанија „Медтех“ од средното училиште „Ѓошо Викентиев“ од Кочани, го освои првото место на Националниот натпревар на ученички компании, кој се одржа вчера во организација на Џуниор Ачивмент Македонија.
Ученичката компанија нуди производ кој чини 349 денари – паметна кутија за апчиња. Кутијата составена од 7 прегради за секој ден во неделата во коишто ќе може дополнително да се стават подпрегради, а кои ќе се користат по потреба на корисникот за конзумација на лекарства во точен час од денот. Производот се нуди во 3 изданија.
На натпреварот учествуваа 19 ученички компании од 14 средни училишта од 10 града од целата територија на земјата. Се натпреваруваа 100 средношколци со поддршка на 25 наставници од Скопје, Битола, Кавадарци, Кочани, Берово, Гевгелија, Куманово, Струга, Охрид и Прилеп, додека над 50-тина поканети гости го следеа натпреварот. Средношколците предводени од одговорниот наставник имаа можност да презентираат што сработиле во текот на учебната година на штандовите кои беа поставени во трговскиот центар, и секој на свој начин да ја убеди жири комисијата со иновативноста на производот или услугата.
Покрај прво наградената ученичка компанија, организаторот обезбеди награди и за ученичката компанија која понуди нови производи со чисто еколошко потекло, како и ученичка компанија која нуди решение за подигнување на еколошката свест во општеството, замена за пластични шишиња со алуминиумски термоси.
Победниците од вчерашниот натпревар ќе се натпреваруват на европскиот натпревар на ученички компании со останатите европски победници од 3 до 6 јули во Лил, Франција.
Љупка Панчевска, извршен директор на Џуниор Ачивмент Македонија го нагласи задоволството од големиот број пријавени ученички компании оваа година. На ова се надоврза министерот за образование и наука Арбер Адеми, според кој, овие програми за претприемничко образование ги подготвуваат младите луѓе за критичко размислување и самоиницијативност.
Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, изјави дека на овој начин младите ќе добијат и финансиска писменост, ќе се научат на соработка, планирање, лидерство, тимска работа, ќе го осознаат патот од идеја до реализација и ќе го поттикнат претприемачкиот дух.