Триесет талентирани ученици од шест средни скопски училишта учествуваа на втората креативна работилница за пишување поезија и други литературни творби „Запознавање со поетскиот универзум на Анте Поповски“, која се одржа во библиотеката на Гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“.
Предавачи и обучувачи беа професорите по македонски јазик и литература Татјана Алексиќ и Митра Мими Спасова.
Спасова со свое предавање посебно се осврна на интертекстуалните варијации во поезијата на Анте Поповски, преку што се алудираше на отварање на креативно – аналитичките хоризонти на младите учесници, односно учениците во однос на поетското творештво. Таа вели дека во програмата за четврта година по предметот македонски јазик и литература овој наш поет се работи со патриотската лирика и тоа најчесто со „Вардар“ и „Македонија“, за жал на само еден наставен час.
„Колку малку простор за да се објасни сѐ што има создадено овој наш великан. Користејќи ја можноста да се допре посуштински до поезијата на Анте Поповски и тоа благодарение на овој значаен проект, нашата првична задача беше да се посочат сите цитатни симболи, синтагми, версови кои имаат значење на архитекстови кои создаваат една нова метатекстуална поезија“, додава професорката.
Од организацијата посочуваат дека за пофалба е посебната ангажираност на ученикот Методија Тасевски, кој за потребите на работилницата подготвил и уредил графички и технички избор од поетски творби на Анте Поповски, кои претходно грижливо ги издвоил неговиот син, Жорж Поповски.
Работилницата e во организација на „Антево Перо“, a во рамки на проектот „Поезија во фармерки“
Целта на проектот „Поезија во фармерки“ е да ги инспирира, мотивира и вклучи средношколците во процесот на приближување до македонската поезија, да ги поттикне да мислат, читаат, пишуваат и живеат со јазикот на својата родина и да негуваат култ кон книгите и вистинските духовни вредности, што е основна цел и начело на целокупното дело на Анте Поповски.