Група средношколци, организирани под иницијативата „ Глас на средношколците“, денеска излегоа на протест за да побараат и оваа година да не се полага државната матура, поради тоа што наставата се одвива онлајн, во време на пандемија.
Средношколците го блокираа булеварот „Св. Кирил и Методиј“ откако претходно се собраа пред Министерството за образование и наука.
Како што посочи средношколецот Слободан Спасовски, од скопското средно училиште „Владо Тасески“, нивното барање до надлежните е да се укине полагањето државна матура, но да остане делот со проектната активност.
„Исто така, децата што сакаат да го продолжат своето образование надвор од нашата земја да имаат услови да полагаат државна матура. Ние бараме укинување на државната матура само оваа година, само поради пандемијата, затоа што таа си носи свои проблеми. Минатата година, три месеци имаа онлајн настава, а ние цела година и пак ќе полагаме. Нема логика. Ние не планираме да застанеме со овој чекор, им даваме можност до вторник, 15.12.2020…ако не излезат со никаков одговор за нашите барања, ќе настапиме посилно, но претходно сакам да препорачам дека ние имаме општествена одговорност, не сакаме да загрозиме ничиј живот и веруваме дека ова ќе се реши по разумен пат“, рече средношколецот.
Тој притоа се огради од сите политичките партии, но и од работата на Сојузот на средношколци, со кои велат дека имаат различни ставови околу полагањето државна матура. Oд Глас на средношколците притоа укажуваат дека националната платформа за онлајн настава не функционира, многу ученици немаат услови за онлајн настава, како и дека не се одржува практична настава во стручните училишта. Додаваат и дека се уште немаат конкретни насоки како би се полагала државната матура во време на пандемија.
Освене денешниот протест во Скопје, тие посочија дека истовремено се оджуваат протести и бојкот на настава и во повеќето македонски градови. Велат дека не сакаат дополнително да отсуствуваат од настава и да треба да бојкотираат, и се надеваат дека ќе се најде решение за нивниот проблем.
Минатата учебна година МОН одлучи дека за учебната 2019/2020 нема да има полагање државна матура, поради пандемијата, а за уписите на факултет е гледаше само успехот на учениците.
Ј.Ј./М.К.