Во средното училиште „Раде Јовчевски- Корчагин“- Скопје ученици и професори од средни училишта од Македонија, Литванија и Хрватска садеа еко-картички од кои никнува цвеќе-пркос. Преку гестот на заедничко садење се пренесе симболиката дека социјалното претприемништво е семе кое треба да расте и да се негува, за општеството побргу да ги види плодовите на солидарната економија.
Ова беше дел од завршниот настан од проектот „SEED – Проект за развој на образование за социјалното претприемништво“.
„Се чувствувам возбудено бидејќи со овој настан и овој проект им покажуваме на сите училишта дека доколку се има желба и мотивација, може да се преземе првиот чекор кон правење нешто поразлично од нормалата на нашето опкружување. Социјалните претпријатија, и воедно овој настан, се одличен пример да ја пренесеме нашата идеја и нашите размислувања за одржливоста на општествата. Ние мора да мислиме на иднина во која ќе има ресурси за сите, и никој нема да отфрлен“, изјави Марија Колевска, ученичка од „Раде Јовчевски- Корчагин“- Скопје.
„Преку S.E.E.D проектот јас лично развив доста способности, почнувајќи од прво запознавање со поимот социјално претпријатие, до развивање на комуникациски вештини преку можноста да работам со врсници од разнични држави. Преку кампањите за собирање на финансиски средства кои беа дел од проектот, успеав да излезам надвор од мојата комфор зона, да ги проширам моите гледишта и да завземам поотворен пристап кон нештата“, изјави Аугусте Мотекаитите, ученичка во “Радвилишкиш Лиздеикос Гимназија” од Литванија.
На настанот се обратија и поддржувачите на социјалното претприемништво: Барбара Садовска-тим лидерка на ЕУ проектот „Поттикнување на социјалното претприемништво“, Марко Ѓоргиевски– директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, која е и донатор на проектот, Драган Арсовски-директор на „Раде Јовчевски- Корчагин“ и Ирина Јаневска од организацијата координатор на проектот– АРНО.
„Овој проект има многу симболично име и се спроведе во време кое сите не потсети колку е важен човекот, грижата за другиот, солидарноста помеѓу луѓето. Среќни сме што ете последната обука и настан не ги направивме виртуелно, дојдоа учесниците, и дојдоа и локалните поддржувачи. Тоа нам многу ни значи. Вистина е дека ова се само семиња, зародиш, но после неколку години ние ќе видиме што значи да се донесе нов бизнис модел до ученичките клупи. АРНО веќе неколку години соработува со партнерските училишта затоа што гледаме ученици кои посветено водат виртуелни социјални претпријатија и се жедни да прават промени во своите заедници. Што ќе посееме, тоа и ќе никне. Нека се тоа млади кои ќе водат бизниси кои се добри за природата и за човекот.“ изјави Јаневска.
Покрај садењето на картичките, учениците организираа мини креативни работилници, а магионичарот Кристиан Шопов изведе магионичарски еко-настап и им пренесе на учениците дека тој некогаш бил ученик во училиштето, а денес е успешен социјален претприемач.
Проектот SEED е дизајниран да им овозможи на учениците да станат идни социјални претприемачи. Главната цел на SEED проектот е да го доближи уште поблиску претприемничкото образование до учениците преку нудење на знаења и вештини за новиот бизнис модел на социјални претпријатија како дел од училишниот предмет „Претприемништво“, кој се предава во 3-те партнерски училишта (Хрватска, Литванија, Северна Македонија).
Проектот го координира Здружението за социјални иновации „АРНО“ во партнерство со училиштата од трите земји и граѓанската организација „GoGreen Belgium“ од Белгија, и истиот е финансиран од Европската Комисија во рамки на програмата Еразмус +.