Средношколците бараат алтернативи за учење од дома, системот не нуди онлајн настава

По затворањето на училиштата поради новиот коронавирус, најголемиот дел од средношколците се оставени сами да ги повторуваат лекциите, да ги читат книгите и да работат на проектите, но и да учат за матурскиот испит. Актуелната ситуација го покрена прашањето колку основните и средните училишта се спремни да одговорат на предизвикот и да воведат онлајн образование.

Ева Стојчевска од гимназијата „Никола Карев“ во Скопје се уште чека соопштение од нејзиното училиште за тоа како би се одвивала наставата. До неа не стигнале никакви информации, иако лично би сакала да се воведе можност за онлајн предавања.

„Веќе година дена во школо имаме ‘смарт’ табли што не ги користат професорите, камоли нешто уште поиновативно, како онлајн предавање“, вели таа, додавајќи дека за неа, најлесно во вакви услови би било да добие пишан материјал, а домашните да се праќаат по е-мејл.

Ниту во „Раде Јовчевски-Корчагин“ не биле најавени онлајн содржини. Матурантката Марија Чипишкова периодов започнува со учење за крајниот испит иако не знае дали ќе се одложат роковите за полагање. Според неа, онлајн образованието е возможно ако има интерес од двете страни.

„Постојат повеќе апликации и онлајн платформи што работат буквално на принципот училиштен час, а според нашите околности логично и пожелно би било да почнеме на овој начин. Приватните училишта и курсеви кај нас одамна користат вакви „алатки“ и не гледам причина зошто не би можеле и сите останати“, вели Чипишкова, наведувајќи апликациите „Едмодо“, Гугл училницата“ како опции.

Во иста ситуација е и нивната врсничка од Неготино, Елена Тимова, која учи во гимназијата „Кирил и Методиј“. Во слободното време се обидува да го надополни своето знаење читајќи ги лектирите и подготвувајќи се за натпреварот по француски јазик.

„Да бидам искрена за предметите кои што ми се потешки, не се ни обидувам да почнам сама“, истакна таа.

„Не знам колку би било прифатено кај нас онлајн предавањето, но сепак би било добро нашите професори да ни испратат некој материјал за учење и нешто како домашна задача. Сепак две недели не се малку да се изгуби од настава. Некои од моите професори ни испратија вежби за да решаваме сега кога сме дома. И мислам дека не би било лошо да пробаме математика и физика предавање по Скајп на пример. Чисто да видиме како ќе оди“, предлага Тимова.

Ништо поразлично не е ни во Прилеп и Битола. Тамара Мирческа учи во прилепското средно економско училиште „Кузман Јосифовски-Питу“, а Мартин Ангелевски во битолската гимназија „Јосип Броз Тито“. И двајцата го учат материјалот кој досега го поминале и за кој требало да има испрашување, но за новиот, велат тие, потребна им е помош.

„Првенствено ги привршувам сите проекти и задачи кои што ми беа оставени за ,,некој викенд”, за кои претходно немав доволно време да ги завршам. Разгледувам онлајн тестови за матурата по македонски (има добар сајт кој ни дава резиме на целиот материјал), воглавно, овој период се стремам да го искористам најкорисно што можам. Седењето во карантин не е воопшто лошо како што некои од моите соученици и врсници го прикажуваат“, смета Мирческа.

„Непредадениот материјал не планирам да го учам доколку не се најде решение со онлајн часови“, дециден е Ангелевски.

Спремна ли е државата за дигитално образование?

И од Унијата на средношколци сметаат дека во услови кога образовниот процес не може нормално да функионира, потребно е воведување на онлајн образование. Тие имаат идеја за апликација на која би ги имало соодветните предавања за секој предмет според годишната програма, вклучувајќи текст и домашни задачи од соодветниот час. На овој начин, велат тие, ќе се види колку образовниот систем е подготвен за прилагодување кон дигиталниот свет.

„Неколку училишта во Скопје им испраќаат на учениците лекции и задачи за совладување на материјалот. Онлајн настава со live-streaming исто така има мала веројатност да биде ефикасна. Бидејќи сме навикнати на професорите од своите училишта, најдобар начин би било тие да подготвуваат аудио снимка од предавањето за часот што би било проследено со презентација за учениците да имаат и визуелна слика за истото. Сето ова можеби е голем товар за професорите, бидејќи за ова е потребен подолг период за подготовка, но ако се ангажираат соодветни луѓе и се постапува ажурно, би можело да се изведе и примени“, предлагаат од Унијата.

Оттаму сметаат дека со надоместување на наставата во летниот период или за викенди нема да биде ефективно бидејќи учениците ќе ги избегнуваат часовите. Ниту пак решение е скратување на материјалот, бидејќи со тоа ќе се наштети целокупно на образованието, нагласуваат од Унијата.

Приватните училишта ги претркаа државните во подготвеност

Уште следниот ден по објавата на Министерството за образование и наука дека наставата се прекинува поради коронавирусот, дел од приватните гимназии своите предавања ги префрлија на веб мрежата. Во „НОВА“, предавањата ги продолжуваат на интернет, додека „Алгоритам“ преку веб-апликацијата „Мудл“ („Moodle“).

Еден од ретките примери меѓу државните средни училишта кои започнаа да работат на онлајн предавања е скопското средно стручно училиште „Шаип Јусуф“ во Општина Шуто Оризари. Тие на својата Фејсбук страница периодов ќе споделуваат пишан и видео материјал по одредени предмети, а во меѓувреме работат и на платформа преку која професорите ќе бидат во контакт со учениците.

Директорот Доан Сулејманоски за Радио МОФ вели дека нивна предност е што поголемиот дел од образовниот кадар се млади кои се спремни да ги користат бесплатните онлајн алатки кои им се на располагање.

Тој нагласи дека ова не е нешто што го предлагаат само поради коронавирусот, туку и за поефективно спроведување на наставата кога има отсутни ученици. Сулејманоски е свесен дека за да биде наставата целосно онлајн, треба дозвола од Министерството за образование и наука. Затоа, таа засега се смета само за неформална.

Самоиницијативни обиди за онлајн учење понудија и неколку основни училишта, меѓу кои ООУ,, Невена Георгиева -Дуња” во Скопје каде од денеска започнуваат со одделенска настава, а ќе продолжат и со предметна. Покрај нив, материјали и лекции на својата официјална веб-страница поставија и од основното „Дане Крапчев“.

Сепак, за Сулејманоски остануваат многу неодговорени прашања периодов – дали ваквите предавања ќе се сметаат за часови и дали ќе може да се пишува оценки врз нивна основа.

МОН: Класична онлајн настава во моментов не е опција

Од денеска на Македонската радио телевизија започна да се емитува ткн. „ТВ училница“. Таа е наменета за учениците и децата на претшколска возраст. Како што појаснуваат од Министерството за образование и наука, станува збор за едукативни содржини изведени од наставните програми по сите предмети кои требало да се изучуваат при редовна настава.

Сепак, оттаму нагласуваат дека ова е неформален тип на образование, алтернатива за исполнување на времето на децата додека седат дома. Во меѓувреме, велат од МОН, се работи на план за организирање на наставата до завршување на учебната година.

„Класична онлајн настава во моментов не е опција, имајќи предвид дека за истата не постои правна регулација, но имајќи и предвид дека спроведувањето на ваков тип настава зависи и од повеќе други фактори. Не сите деца особено најмалите основци поседуваат, користат и знаат да ракуваат со ИТ уреди, или пак, имаат концентрација да следат онлајн настава. Исто така, воведувањето на онлајн настава е детерминирано и од  поставеноста и квалитетот на интернет мрежата, која сакале или не мораме да признаеме дека од аспект на квалитет се разликува во урбаните и руралните средини, а тоа би ги ставило учениците во нерамномерна положба“, стои во одговорот на МОН за Радио МОФ.

Искуства од регионот

И во основните и средните училишта во регионот се прават обиди и стратегии за алтернативен начин за предавање на училишниот материјал. Такви примери има во Сараево, како и низ Хрватска.

Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, деновиве на својата Фејсбук страница споделува видеа од професори и наставници кои држат предавања по одредени предмети.

LIVE

Leksione për maturantët: matematikë nga mësuesi Xhevdet Reka, kimi nga mësuesja Alma Meta dhe biologji nga mësuesja Mirela Bega.

Posted by Erion Veliaj on Monday, 16 March 2020

Пандемијата на Ковид-19 коронавирусот предизвика блокирање на цели градови и затворање државни граници низ светот по неговата појава во кинескиот град Вухан во декември.

На светско ниво, вирусот се прошири во 161 земја, со над 170 000 заразени лица, 6.724 смртни случаи и речиси 80 000 заздравени. Во С. Македонија, пак, досега има 18 заразени лица, а првата заболена од овој вирус денеска излезе од болница откако целосно закрепна.

Поради превентивни мерки, во земјата е воведена забрана за јавни и приватни собири без разлика на обем и бројка на учесници, се откажаа сите кинопроекции, претстави и концерти, а затворени се сите трговски центри, спортски сали и ресторани. Во моментов, единствено отворени се супермаркетите, продавниците за храна и аптеките.

Емилија Петреска