Проектот насловен „Истражување на ефектите на пластика во прав врз термомеханичките својства на бетонот“ на тетовските средношколки Константина Костадиновска и Магдалена Бошковска, на натпревар на млади иноватори во Тбилиси, Грузија, во конкуренција на 162 проекта од 26 земји од целиот свет го освоија второто место, закитувајќи се со сребрен медал. На сличен натпревар во Истанбул, Турција, на кој биле презентирани 118 проекти од 49 земји, тие освоија трето место и бронзен медал. Двете се ученички во средното училиште „Јахја Кемал“ во Тетово.
„Првин се одржа натпреварот во Грузија. Два дена бевме во неизвесност. Во тој период го презентиравме и браневме проектот. Изгледавме збунето и неочекувано, се најдовме на втората позиција. Беше тоа големо признание, за нас, за нашиот ментор – професорот по физика Ибрахим Токсин, училиштето и државата. Тоа беше повод да го развиеме македонското знаме и да ја викнеме познатата „Македонско девојче“, која одекна во салата во Тбилиси“, раскажуваат Костадиновска и Бошковска. Тие велат дека по ваквиот голем успех во Грузија, за нив не било изненадување освојувањето на третото место во Истанбул.
Во предговорот на обемниот труд авторките запишале дека целта на проектот е да придонесе за решавање на еден од најголемите еколошки проблеми – нерециклираната пластика, која не се разградува во природата со стотици години. Рециклирана, таа се претвора во прав, а добиената состојка потоа е вградена во бетонот. „Рециклираната пластика во прав се додава во бетон, кој станува значително поцврст, бидејќи се пополнуваат микропразнините. Вака добиената маса има зголемени својства за изолација, а таквиот бетон дава најдобри резултати во изработка на фасади“, велат двете млади иноваторки.
Извор: Утрински весник