За 270.000 основци и средношколци денеска официјално требаше да заврши учебната година. Но, училишните клупи останаа празни уште на почетокот на март, а учениците во своите домови. Појавата на новиот коронавирус ја поремети редовната настава, некои процеси ги закочи, но други несакајќи ги забрза.
Па така, од годинава за првпат во најголем дел од училиштата се искористија онлајн алатките за учење кои чекаа „подобри времиња“ за да бидат употребени. Пандемијата и затворањето на училиштата ги натера наставниците да излезат од своите класични предавања и да истражуваат нови концепти за учење. Учениците, од друга страна, добија шанса да го искористат своето познавање на дигиталните алатки за изработка на креативни домашни задачи.
Но, не донесе само Ковид-19 промени во образовниот процес. Затоа, Радио МОФ направи ретроспектива на учебната година сo неколку клучни моменти.
Училишната година започна со нов Закон за основно образование и најави за штрајк
Собранието во јули ги донесе Законот за основно образование и Законот за наставници и стручни соработници во основните и средни училишта. Образовните власти тогаш соопштија дека законот опфаќа анализи на кредибилни институции како што е ОЕЦД и УНИЦЕФ, но и дека содржи новини во интерес пред се, на учениците, како и на сите други вклучени во воспитно-образовниот процес.
Но, училишната година започна и со најави за штрајк. Синдикатот за образование наука и култура (СОНК) на почетокот од учебната година започна преговори со Министерството за образование и наука (МОН) за поголеми плати во образованието. Тие траеја неколку месеци, а откако не беше постигнат договор, синдикатот најави протестен штрајк кој требаше да се одржи на 11 ноември. Сепак, штрајкот беше ставен во мирување откако конечно се постигна одлука помеѓу претставници на синдикатот и министерството – платите на просветните работници да се зголемат за 10%, почнувајќи од 1 јануари 2020 година.
МОН и СОНК се договорија: Од јануари платите во образование повисоки за 10%
И годинава проблеми со учебниците
На еден средношколец во просек му недостасуваaт еден до три учебници во текот на учебната година, покажа онлајн анкетата на Сојузот на средношколци на С. Македонија, во која вклучија искуства на 343 средношколци од повеќе градови. Педесет отсто од учениците во стручните училишта немаат учебници, додека кај гимназиите со овој проблем се соочуваат 20 отсто од учениците.
Оттаму посочуваат дека секој почеток на учебната година учениците имаат бројни проблеми што го попречуваат нормалниот тек на образованието. Вината за тоа ја лоцираа кај Министерството за образование и наука и Владата.
Недостасуваат учебници и полни се со грешки – средношколци најавија бојкот ако не се реши проблемот
Тие најавија и бојкот на наставата ако не се реши проблемот во иднина. Во меѓувреме, во јавноста и понатаму се реагираше на извадоци од актуелни учебници кои се со дискриминирачка или недоволно лекторирана содржина.
[Галерија] Дискриминирачки и неинклузивни содржини во учебници за средно
Војничкиот поздрав на гостиварските ученици
Бурни реакции во јавноста предизвика злоупотребувањето на учениците од гостиварското основно училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ за политички цели. Радио МОФ прв објави за случајот каде неколку стотици основци од училиштето, во придружба на своите наставници, под турското знаме, упатуваат војнички поздрав во знак на поддршка на прекуграничната турска воена офанзива, која алудира на таа во Сирија.
Војнички поздрав од основци и наставници во Гостивар за турската воена офанзива
Фотографиите првично беа споделени на Фејсбук страницата на училиштето, но уште истиот ден објавата беше избришана.
Осуди за случајот стигнаа и од општинските служби, првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, како и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Стигнаа новите резултати од ПИСА – нашите ученици пак меѓу најслабите
Учениците од Северна Македонија повторно беа во групата држави кои покажуваат најлоши резултати во читање, математика и природни науки на новото ПИСА тестирање од 2018 година. Со него се мери знаењето на 15-годишниците од 78 светски држави и провинции кое го изработува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
За министерот за образование Арбер Адеми, пак, овие резултати биле „Одличен показател дека сме на прав пат“.
Министерот посочи дека ПИСА резултатите дале вистинска слика за тоа каде се наоѓа нашиот образовен систем на глобалната карта и колку македонските ученици се оспособени да го применуваат своето знаење. Според него, учениците покажале капацитет, потенцијал и добар напредок низ воспитно-образовниот процес.
Средношколскиот бојкот и маршот за чист воздух
Настанот кој дефинитивно е меѓу оние кои најмногу ја одбележаа оваа учебна година беше средношколскиот бојкот во средните училишта. Собрани во училишните дворови и холови, учениците им порачаа на надлежните сериозно да го сфатат проблемот со загадувањето. Први започнаа скопските гимназии, а подоцна се приклучија и ученици од Прилеп и Струмица.
За кратко тие започнаа да споделуваат закани и притисоци од директори и професори за да не покреваат бојкот и да не присуствуваат на маршот за чист воздух, кој всушност требаше да го заокружи нивниот протест. Тие се жалеа дека до нив пристигнувале закани за пишување неоправдани, најави за дополнително обработување на часови и намалување на оценки.
На социјалните мрежи вирално се споделуваше тогаш актуелната директорка на гимназијата „Никола Карев“ како ги снима учениците кои бојкотираат. По неколку часа, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, соопшти дека градските служби одлучиле да ја разрешат директорката.
Денот заврши така што со огромен транспарент „Средношколците сакаат да дишат” учениците се приклучија на маршот за чист воздух кој започна од Министерството за животна средина, па преку Собрание заврши пред Влада.
Протестот на штипските средношколци за училишниот превоз
https://www.radiomof.mk/foto-srednoshkolski-protest-vo-shtip-poradi-uchilishniot-prevoz/
Средношколци од градовите околу Штип излегоа на протест откако општината им го укина досегашниот бесплатен школски превоз, организиран од приватни превозници. Додека општинските власти тврдеа дека се држат до пропишаното, учениците се жалеа дека за да стигнат до училиште го користеле меѓуградскиот превоз, при што морале да платат заверка, а учениците од околните села си плаќале превоз за да стигнат до главната автобуска станица. Притоа, биле принудени да доцнат за настава, или пак, да доаѓаат многу порано и да чекаат превоз.
По неколкуте протести, Владата побара итно отстапување на гориво за превоз на овие ученици до завршување на учебната 2019/2020 година.
Ковид-19 го престигна и македонскиот образовен систем
На 11 март, власта донесе одлука да се затворат училиштата за да се спречи понатамошно ширење на новиот коронавирус. Но, додека се најде привремено решение во новата состојба, најголемиот дел од средношколците беа оставени сами да ги повторуваат лекциите, да ги читат книгите и да работат на проектите, но и да учат за матурскиот испит. Актуелната ситуација го покрена прашањето колку основните и средните училишта се спремни да одговорат на предизвикот и да воведат онлајн образование.
Со тек на време, Владата ја воведе прва национална платформа за далечинско учење „Едуино“. Во неа има видео-лекции од 15 минути и придружени со презентација, нарација и објаснувања од наставник/наставничка. Покрај ова, започна со емитување и „ТВ училница“ на МРТВ со едукативни содржини за основците.
Но, овој процес не беше лесен и целосно достапен за секој. Најпогодени и во оваа ситуација беа учениците од руралните средини, како и оние со посебни потреби.
Комшии и роднини помагаат со интернет и смартфони – онлајн настава во руралните средини
Овој проблем го натера Министерството за образование и наука да ги задолжи училиштата да обезбедат податоци за оние ученици кои немаат услови да ја следат онлајн наставата.
Во целата кризна состојба, меѓу најзагрижените поради затворањето на училиштата беа и матурантите. Следно прашање што се постави е – што да се прави со матурскиот испит.
На крај, Владата пресече и одлучи дека се укинува државната матура, училишната матура и завршниот испит за оваа учебна година.
„Сите ќе добијат диплома за завршено средно образование кои ќе имаат важност како дипломите во изминатите години“, истакна министерот кој појасни дека со овие дипломи матурантите ќе можат да конкурираат на факултет, доколку планираат да го продолжат своето образование.
Се укинува државната матура, учениците нема да се вратат во клупа оваа учебна година
Но, не беше само полагањето матура она што ги погоди овие ученици. Пандемијата им ја наруши долгогодишна традиција, а тоа е матурската прослава која ја посакуваа многумина. Сепак, некои не се откажаа од оваа идеја, па се прилагодија на ситуацијата. Матурантите од СОУ „Јане Сандански“ од Штип си направија онлајн прослава.
Пандемијата беше лекција и за учениците, но и професорите. Изминатиот период имаше бројни примери како тие ги искористија онлајн алатките за да покажат дека образованието може да функционира и од далечина.
Таков пример беа ученици од скопската гимназија „Орце Николов“ кои добија домашна задача од професорката Тамара Ќупева да се изразат преку текст, видео и стрип на тема „Како се промени мојот живот“, низ призма на актуелниот контекст со изолацијата од пандемијата.
[Видео] Домашната задача на ученици од „Орце Николов“ стана мултимедијален проект
Во меѓувреме пристигнаа наодите од меѓународната СЗО студија, кои покажаа дека во последните 16 години, учениците сè помалку го сакаат училиштето.
Падот се зголемува и со возраста, и кај двата рода, за да доведе до само 29% од учениците Македонци во 2018 година да се изјаснат дека го сакаат училиштето. Во поглед на родот, девојчињата повеќе се интересираат за училиште од момчињата. Притоа, најниско имотните девојчиња – најмногу го сакаат училиштето. Приврзаноста кон училиштето е поврзано и со чувството на оптовареност со училишни задачи. Со возраста расте оптовареноста. Пооптоварени се девојчињата од момчињата, а најмногу оптоварени се ученичките од имотните семејства.
Тековната криза пoкажа дека образовните институции не се подготвени за далечинско учење, анализираа од Сојузот на средношколци. Според нив, пандемијата и затворањето на училиштата уште еднаш ги покажа сите маани и недостатоци на образовниот систем.
Додека приватните училишта веќе во голема мера користеа интернет платформи за реализирање часови пред кризата, во јавното средно образование, особено во руралните средини, платформите за далечинско учење не беа доволно искористени, сметаат од Сојузот. Оттаму забележуваат дека нема стандардизација и дека недостасуваат јасни насоки од Министерството за образование и наука како да се одвива онлајн наставата.
Што следува?
Вонредната состојба се уште е во тек. Во моментот неизвесно е на кој начин ќе почне учебната 2020/2021.
Пролонгирано е и запишувањето на првоодделенците за 2020/2021, па родителите имаат можност од 1 до 30 јуни да ги запишат своите деца во основно образование.
Роковите за упис на средношколци утврдени во Конкурсот не се менуваат, така што на 16 и 17 јуни е првото пријавување во јунскиот уписен рок, со тоа што спроведувањето на уписите ќе биде согласно со протоколот донесен од Владата по препорака на Комисијата за заразни болести.
Од образовните процеси кои остануваат во најава се пилот програма за Сеопфатно сексуално образование во 9-тиот степен на основното образование во четири училишта.
Како што информираа лани од Владата, две од училиштата каде ќе се тестира програмата ќе бидат во урбана средина, едно во рурална средина и едно училиште каде мнозинство од учениците се од малцинските етнички заедници.
Тестирање на Сеопфатно сексуално образование во четири училишта од 2021
Од неодамна, пак, невладината „Гоу грин“ покрена иницијатива за повеќе еколошко образование во наставните програми. Нивната цел е младите да учат повеќе за климатските промени и животната средина, додека од властите бараат училиштата да станат енергетски ефикасни.
Емилија Петреска