Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, во соработка со Амбасадата на САД во Македонија го објавува конкурсот за најдобар средношколски медиумски производ „Изрази се преку медиумите“. Учениците и училиштата можат да аплицираат со фотоприказна, постер или едноминутнo видео на тема „(Де)конструирај ги медиумите: Пораката зад пораката“.
Медиумскиот производ треба на оригинален начин да го открие значењето на медиумската порака, објавена на телевизија, радио, печатен или онлајн медиум како вест, информација или промотивна реклама. Средношколците треба да откријат како оваа медиумска содржина влијае врз изборот на младите да купат нешто, да донесат одлуки или пак дали ги наведува да размислуваат во одредена насока. Во своите предлози за деконструирање на медиумската содржина, средношколците треба на креативен начин да ја претстават целта на испратената порака, обидувајќи се да одговорат на следните прашања: дали и колку е реална таа порака, како е конструирана и која идеја ја промовираат?
Целта на овој конкурс е да се поттикне медиумската писменост кај младите, кои на креативен начин ќе покажат дека умеат да ги толкуваат и критички оценат медиумските содржини на кои се постојано изложени.
Фотоприказната треба да содржи од 6 до 8 фотографии кои ќе бидат објаснети со легенда (кус текст што ќе го објасни нејзиното значење и тоа што сакате да прикажете преку неа). Текстот под фотографиите може да биде на кој било од јазиците и писмата што се употребуваат во Македонија.
Постерот треба да изразува јасна и оригинална порака на авторот, изразена преку креативен дизајн. Може да се избере и постоечка идеја (постер) која ќе се преработи во контекст на темата на конкурсот, откривајќи ја скриената порака.
Видеото треба да се објасни со текст од еден параграф, што ќе го објасни неговото значење и тоа што сакате да прикажете преку него. Видеото треба да трае една минута. Ако се употребува музика во правењето на видеото, треба да се провери дали може да се користи (може да се користи музика која не е заштитена со авторски права). Ако во видеото има дијалози или друга говорна комуникација, тие може да бидат на кој било од јазиците што се употребуваат во Македонија.
На конкурсот може да се пријават ученици од прва до четврта година од сите средни училишта во Македонија. Право на учество имаат и самите училишта. Учесниците може да ги изработуваат производите во група со други соученици или пријатели, но ако производот биде награден, наградата ќе се додели на авторот или носителот на иницијативата. Доколку училиште се јавува како учесник, наградата ќе се додели на училиштето. Сите учесници, без разлика дали се индивидиуалци, групи или училишта, можат да конкурираат со повеќе исти или различни медиумски производи (видео, фотоприказна или постер).
Корисни информации како да се изработи фотографија / фотоприказна или да се снима и монтира видео.
На најдобриот учесник ќе му биде доделен таблет, втора награда – видео камера и трета награда – професионален фотоапарат.
Кандидатите треба да пополнат Формулар за пријавување и заедно со изработениот продукт да го испратат на е-адресата medium@medium.edu.mk најдоцна до 23 март 2015 година.