Средношколски пленум: Бојкот на наставата и кампувањето пред МОН продолжува

Бојкотот на наставата и одржувањето на Средношколскиот Фронт пред Министерството за образование и наука продолжува, соопштија од Средношколскиот Пленум.

Според пленумот, кампувањето пред МОН се покажало како најголем притисок врз надлежните да ги ислушаат и воопшто разгледаат нашите барања.

„Никаков договор не е постигнат помеѓу надлежното министерство и Средношколскиот Пленум. На последната средба од преговорите, одржана минатиот четврток, еден час се разговарало на тема легитимност, а дваесет минути на тема барањата кои ги поднесе Средношколскиот Пленум пред два месеци. За ова потврдува и Хелшинскиот Комитет кои присуствуваа на средбата во улога на мониторинг и во целост ги подджуваат нашите барања како и нашиот револт кон овој неадекватен и безобразен однос на надлежните кон оние во чија полза треба да работат. Моменталната состојба на преговорите е: полагање на државна матура по стариот концепт само оваа година и продолжување на екстерното тестирање што не е во никој случај прифатливо за сите оние илјадници средношколци кои изгубија од својата настава веќе еден месец“, соопштуваат средношколците.

Средношколскиот Пленум смета дека министерот Абдулаќим Адеми, заменик министерот Спиро Ристовски и вицепремиерот Владимир Пешевски не се свесни која штета ја нанесуваат со пролонгирање на преговорите веќе една недела.

„Пленумот јасно изјави дека преку компромис не се стигнува до квалитетно образование и дека не планираме да запреме со радикализација додека не бидат усвоени двете наши барања. Се надеваме дека Министерството за образование и наука ќе не викне повторно на средба во најбрз можен рок на која конечно ќе биде постигнат разумен договор и учениците конечно ќе се вратат каде што им е местото, а тоа е во училишните клупи на настава“, соопштуваат од СП.

И покрај ваквите најави од Средношколскиот пленум, од Министерството за образование и наука денеска излегоа со соопштение дека веќе биле донесени конструктивни и суштински одлуки по средбите со засегнатите групи. Според МОН, одлучено е да продолжи примената на досегашната Концепција за државна матура и завршен испит, да се врати стариот модел на полагање државна матура, полагањето на тестовите да се врши единствено во писмена форма и предметот математика да биде алтернативен за сите ученици.

„Цениме дека реалните и издржани барања претставени за време на средбите се исполнети. Оттука, апелираме до сите ученици кои ја бојкотираат наставата, да не наседнуваат на какви било манипулации и да се вратат во училишните клупи за да продолжат со извршување на нивните училишни обврски кои произлегуваат од реализацијата на наставните планови и програми“, се вели во соопштението на МОН.