На официјалната Фејсбук-страница на Средношколскиот пленум Куманово вчера се појави фотографија од пленумецот Николај Павловски како се поздравува со министерката за образование Рената Дескоска при нејзината посета на Куманово, за да го означи првиот училишен ден. Павловски беше објавен како „претседател на Средношколски пленум на РМ“, па повеќе пленумци реагираа и се отвори дискусија за начините на дејствување и иднината на оваа неформална иницијатива, која стана претпознатлива токму по хоризонталната поставеност, без хиерархија и без лидери, сплотени во борба против лоши образовни реформи.
Сега постот на Фејсбук е тргнат, а кумановецот Павловски за Радио МОФ вели дека објавата била погрешно формулирана. Го избришале постот откако наишле на повеќе остри реакции.
„Се извинувам на јавноста. Немам никакви задни намери, се борам за правата на средношколците. Не сум пристрасен, бидејќи ако и оваа влада донесе лоши реформи, ние како Средношколски пленум треба да реагираме. Со поранешниот министер Абдулаќим Адеми пробувавме да најдеме заеднички јазик, но не успеавме. Сега се надеваме дека нешто ќе се смени, да има заеднички разговори и решенија со нас и професорите. Формулацијата беше погрешна, звучеше остро и она ‘Средношколски пленум на РМ’, но таа и не е толку важна, бидејќи сепак Средношколски пленум функционираше на ниво на цела земја, по ограноци по градови“, вели Павловски, кој е ученик од трета година во кумановското средно училиште „Перо Наков“.
Во однос на неговата поставеност во иницијативата, потврдува дека пред година ипол или две, бил изгласан за координатор на кумановскиот огранок на Средношколскиот пленум.
„Тогаш беше донесена таква одлука, и до ден денес е така. Мојот претходник Никола Крстевски беше ученик од гимназијата ‘Гоце Делчев’. Заврши четврта година, па мораше да се донесе нов координатор. Средношколскиот пленум претставува хоризонтална организација и нема траен, туку временски карактер. Со самото донесување на одлуката за укинување на екстерното тестирање, Пленумот згаснува. Меѓутоа, Средношколскиот пленум со сите свои ограноци, тој не се избори до крај. Повеќе членови го напуштија, но борбата не е завршена. На Пленумот му треба преструктуирање“, смета Павловски.
Тој не ја исклучува можноста Пленумот во иднина да се регистрира, да стане правен субјект. Средношколски пленум да продолжи да постои, но, пред се’, да избере раководство. Без тоа, вели тој, учениците се незаинтересирани, не реагираат исто како во случај со органи на управување.
„Тоа е мое лично мислење. Веќе е поставена оваа иницијатива, понатамошно ќе дејствуваме како Средношколски пленум, ќе се водиме со тоа име, но мораме да донесеме раководни органи, малку поцврста иницијатива. Важно е од сите градови да се земе по еден претставник и да се направи група, па кога ќе дојде време за консултации, да се слушне нашиот глас, бидејќи министерката рече дека е расположена за такво нешто. Разменивме контакти. Се слушнав и со поранешниот координатор Крстевски, па очекувам помош од поранешни членови, помош и од средношколци од цела Македонија. Сакам да апелирам сите да се вклучат, да дадат своја идеја, предлог, забелешка. Да направиме посериозна, многу подобра организација“, вели Павловски.
Се обративме и до пленумецот и средношколец од Тетово, Ристо Савески. Тој смета дека постот со „претседателот на СП“ бил апсурден, нереален. Главната причина затоа што досега Пленумот не беше вертикала, е заемната идеја за еднаквост. Сите да бидат еднакви, чуени, на исто рамниште. Не гледале потреба од хиерархија. Било на почетокот малку хаотично, но се справиле со тоа.
Се присетува дека пред четири години, кога се формирал Пленумот, Савески бил еден од иницијаторите. Во организацијата низ овој период се вклучиле сите заинтересирани средношколци, без никакво присилување, но со време вели дека се пасивизирала.
„Меѓутоа, тие генерации од трета и четврта година кои завршуваа средно училиште сметаа дека со нивното заминување ќе згасне, или Пленумот веќе згаснал. Тогаш бев прва година, а сега сум четврта, но Пленумот уште не згасна“, потенцира Савески.
Низ училишните кругови кружи веста за менување на Закон за средно образование, со кој би се сменило и утврдило средношколкото учество, а притоа би се разговарало и за некакво регистрирање и вметнување на Пленумот. Оттука, Савески смета дека се потребни дополнителни разговори за начинот на организирање, бидејќи МОН и луѓето што одлучуваат не можат тоа да го прават во име на средношколците.
„Сега за сега, Средношколскиот пленум продолжува да дејствува неформално, без да биде вметнат во закон. Доколку средношколци од различни градови седнат и одлучат и понатаму дека хоризонталната структура е најидеално решение, така и ќе продолжи. Меѓутоа, ако седнеме и сите заедно утврдиме вертикала, тогаш не гледам зошто не би можело и таа опција“, потенцира ученикот од Тетово.
Инаку, познато е дека средното образование во Македонија е регулирано според закони донесени во 1995 година, кои биле изменети или дополнувани 40-ина пати. Сепак, во ниту еден од овие амандмани, не е воведено задолжително средношколско организирање во секое училиште. Во земјава нема еден унифициран модел на здружување на средношколците.
Постојат средношколски заедници во најголем дел од училиштата. Сепак, иако преку нив е замислено средношколците директно да учествуваат во одлуките кои ги засегаат, искуствата покажуваат дека гласот на учениците единствено важи за училишни униформи, локација за екскуризии, матурски прослави, прослави на празници и сл. Односно, изоставена е суштината – учениците не се кратори на наставните програми, не учествуваат во развој на дополнителни програми, т.е. не се дел од повисоки политики во управувањето на образовните установи.
Бојан Шашевски