Средношколскиот пленум денеска преку отворено писмо соопшти дека Министерството за образование и наука, наводно прекинало заедничка акција на пленумот и СОС Детско Село, наменета за најмладите.
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме нивното соопштение:
На ден понеделник ( 01 / 06 / 2015 ) решивме да започнеме со нашата акција „Од деца за деца” , со која преку најразновидни акции сакавме да им го разубавиме периодот кој доаѓа на најмладите деца и со тоа да дадеме до знаење за кого се бориме и како се бориме.
Првичната акција требаше да се случи токму денес. Истата беше поврзана со СОС Детско Село. Имавме желба, децата да го видат прославувањето на титулата на нашиот најтрофеен клуб РК Вардар, кој титулата по успешно завршената сезона ја прославува токму на натпреварот РК Вардар – РК Радовиш кој се одигрува денес, а на кој ние , заедно со децата од Детското село требаше да присуствуваме. Но, како и во многу други наврати, Министерството за образование и наука посегна по она што не му доликува, а тоа е недоличното и пред се нехуманото дејствување со кое спречија два часа убавина и два часа радост исполнети со игра и дружење со ракометните шампиони на Македонија.
Оваа акција на Средношколскиот пленум, кој потенцираме е целосниот организатор на акцијата „Од деца за деца” е прекината токму заради Министерството кое и овој пат се покажа како активно само тогаш кога треба да се спречи некоја манифестација која во прв план ја има љубовта и надежта која сакавме да им ја пружиме на децата на која таа им е најпотребна. Три пати ги преплавивме улиците на државата, шест недели ја бојкотиравме наставата, три недели кампувавме пред МОН и за жал не се најдовме во нивната агенда, но требаше една акција од ваков тип со која само уште еднаш се дава до дознаење дека генерациите кои доаѓаат се тие за кои се бориме, за да Министерството со министерот на чело се активираат, најдат место во нивната агенда и истата акција ја прекинат.
Освен што ја прекинаа акцијата, од нас бараат да демантираме дека вакво нешто воопшто било во план да се случи. Им се заблагодаруваме што им ја уништија денешната агенда на децата од СОС Детското село. Исто така, ќе застанеме на страната на луѓето со кои што ова беше договорено и како што се боревме до сега, храбро и истрајно, така ќе се бориме и понатаму доколку МОН решат повторно да се служат со јазикот на заканите и уцените.
Знаејќи со што сè се справуваме ние за време на нашите активности, ако треба повторно ќе се мобилизираме и ќе застанеме зад сите кои би биле можна мета на закани и притисоци токму поради оваа наша благородна акција, за никој повторно да не мора да оди по трнливиот пат по кој чекоревме ние, средношколците, а го создаде МОН.
Само затоа што сме деца, не значи дека ќе замолчиме пред ваквите ограничувања. Баш затоа што сме деца, баш затоа што ова го поминавме, денес, по кој знае кој пат, НЕМА да се предадеме, нема да потклекнеме и нема да дозволиме нашите помали сограѓани, нивните воспитувачки, да се справуваат со вашите подмолни активности и замисли.
Одиме до крај, на подмолната рака на МОН мора да и дојде крај.
Им порачуваме, ниту вие , ниту сега, ниту било кога , ниту било кој ќе може да ја спречи нашата желба да им ја пружиме барем онаа основна помош на идните генерации и уште повеќе на децата кои тоа најмногу го заслужуваат а на кои во овој случај им е ускратено токму од тие на кои им е препуштена нивната иднина. Средношколскиот пленум со ова уште повеќе ја зацврствува својата идеја за подобро образование и подобра иднина за сите деца,кои се дел од ова наше општество.