Со наближувањето на термините за новиот циклус од екстерното тестирање, во учебната 2015/2016 година, Средношколскиот пленум упати јавен повик до МОН да ја преиспитаат одлуката за спроведување на „најнебулозниот и најдефектниот проект на светот“.
„Средношколски пленум и пленумците не спијат. Тука сме. Без разлика што во овој период не можеме на вистинскиот начин да го искажеме нашето незадоволство и револтот, поради актуелните случувања, односно поради незаинтересираноста на надлежните за образованиетоно, сепак тука сме. Тука сме бидејќи не можеме да замолчиме на неправдите и катастрофите кои произлегуваат од екстерното тестирање. Не можеме да прогледаме низ прсти на неправдите кои се нанесени на нашиот успех баш поради тоа екстерно.
Иако знаеме дека во оваа битка за укинување на екстерното тестирање не сме сами. Знаеме дека со нас се и Наставнички пленум и Унијата на средношколци и нашите соборци од Студентскиот пленум, сметаме дека најсоодветно во овој момент е да упатиме јавен повик. Јавен повик до Министерството за Образование и Наука. Иако од таа страна се сменија некои нешта, ние стоиме на нашето и се уште ја водиме битката за подобро образование.
Упатуваме уште еден јавен повик до МОН за истите да подразмислат што ќе се случува од 7-ми до 11-ти јуни? Сметаме дека сѐ уште не знаат и не сфатија. Но сепак до тогаш има уште многу. Ќе ве оставиме господа од МОН да размислите, што ќе се случува во тој период? Периодот на деструкција, тормозење, необјективитет, притисок како на учениците, профеорите и наставниците така и на целокупниот образовен процес во државава. Период во кој нема да се постигнат вашите само зацртани, но никогаш остварени „стандарди“ на „европско образование“! Само ве потестуваме. Имате уште време. Борбата продолжува“, се вели во реакцијата на средношколците.