Гостиварците Мартин Јосифовски и Мартин Филипоски од колеџот „Јахја Кемал“ освоија бронзен медал на Меѓународната олимпијада за обновлива енергија, инженерство и животна средина што се одржа во Хјустон, Тексас (САД), објави Утрински весник.
Во конкуренција на 4.000 проекти доставени од околу 7.000 учесници од 100 држави во светот, проектот за добивање електрична енергија од дожд и град на младите гостиварски иноватори се најде меѓу трите првопласирани за кои се одлучила тричлената комисија која ги оценувала проектите.
Средношколците од Гостивар теоретски докажале дека ударите на капките дожд и град можат да се претворат во електрична енергија. Во лабораторијата за експерименти во гостиварскиот колеџ тие успеале да добијат наизменична струја. Оваа иновација отвора нова страница во енергетиката, пишува дневниот весник.
„Во септември мината година почнавме да бараме идеја за проект со кој би можеле да учествуваме на Меѓународната олимпијада во Америка и да забележиме што подобар успех. За нас тоа претставуваше голем предизвик. Се одлучивме да истражуваме околу добивање обновлива енергија, па така дојдовме до идеја да ја искористиме енергијата што ја создаваат ударите при врнежите на дожд и град и да ги претвориме во електрична енергија“, вели Мартин Јосифовски.
Тој додава дека добиле одговор од Меѓународната олимпијада дека проектот бил прифатен меѓу 400 проекти од 4.000 апликации.
„Организаторот не’ покани да учествуваме и да го браниме пронајдокот пред стручно жири. Но, тогаш почнаа нашите маки. На товар на организаторот беа трошоците за петдневниот престој во Хјустон, а превозот треба да си го обезбеди секој учесник. Се обративме до Министерството за образование и наука и до Агенцијата за млади и спорт, но од таму ни одговорија дека немаат средства за ваква намена. Помош побаравме од ЕВН, ЕЛЕМ, ’Т-мобиле’, но од овие компании се’ уште немаме добиено одговор. Така, авионските карти ги платија нашите родители и така ние заминавме на олимпијадата“, вели Јосифовски.