Ученици од трите средни училишта во Струмица снимија видео спот во гимназијата “Јане Сандански“, за подигање на свеста кај младите за справување во елементарни непогоди, како што се земјотрес, пожар и слично.
Спотот е едукативен видео запис на Факултетот за драмска уметност од Скопје, а како концепт е реализиран од УНДП, Општина Струмица и Дирекцијата за заштита и спасување со логистичка поддршка на Здружението “НОВУС“.
“Самото видео ни носи една порака, порака која би требало да значи дека секој граѓанин си има свое учество во самата вонредна ситуација, секој од нас треба да знае да се самозаштити, во случај кога има можност, да помогне и на останатите, воедно и да знаат како во вистинска ситуација и на правилен начин да ги известат институциите којшто треба да реагираат и да ја понесат целата тежина во случај на вонредна состојба“, вели Самир Мемедов од Канцеларијата на УНДП во Македонија, кој го надгледуваше снимањето на едукативното видео во Струмица, пренесува Радио СтрумицаНет.
По комплетната продукција на оваа видео, УНДП ќе го дистрибуира низ својата мрежа во 180-тина земји, членки на УНДП, а истиот ќе биде презентиран преку социјалните медиуми.